„Тој (Стево Пендаровски) во настап вчера го опиша во детали пола мој работен ден, работи кои не се кажани никаде и кој може да ги знае само човек кој добивал извештаи за следење и притоа сакајќи да вметне некаков црв на сомнеж фрла светло дека луѓе блиски до мене ме кодошеле“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање на партискиот митинг во Крушево
Ние настапуваме со јасна и прецизна програма, а нашите противници настапуваат со демагодија, празни ветувања, со истите трикови и подземни коалиции. Нивната црна кампања е нивната главна понуда на овие избори, рече, меѓу другото, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на вечерашниот предизборен митинг во Крушево.

Празните ветувања и црната кампања, според Мицкоски, се причината поради која социјадемократите ќе дожиеват тежок пораз и на локалните избори.
Мицкоски, повторно ја критикуваше опозициската партија и нејзиниот лидер, Венко Филипче, наведувајќи дека тој не ја води партијата, туку е само заменик на вистинскиот лидер, кој, како што рече, допатувал директно од Дубаи за да се вклучи во кампањата.
Покрај овој вистинскиот кој допатува од Дубаи во кампањата го вклучија и нивниот грамафон кој пишува текстови исклучиво во медиуми блиски до СДСМ, а кој ми порача дека ќе ме раситнел на делови и повика на линч, што самото тоа покажува колку страв и омраза има кај овие луѓе“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски го прозва и поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, кој на ланските претседателски избори ја имаше поддршката на СДСМ за втор мандат, но загуби од кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова.
Како што наведе Мицкоски, СДСМ се толку исплашени од поразот што им следи што во кампања го вклучиле и главниот трачер во друштвото, Стево Пендаровски“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ осврнувајќи се обраќање на Пендаровски вчера, сугерираше дека тој знаел за аферата со прислушувањето, односно дека Мицкоски и членови на неговото семејство биле следени додека тој бил во опозиција.
„Од вчера го вклучија и поранешниот претседател и главниот трачер во друштвото Стево Пендаровски, кој пак кутриот на јавна сцена призна дека следел и знаел за прислушувањето. Тој во настапот го опиша во детали пола мој работен ден, работи кои не се кажани никаде и кој може да ги знае само човек кој добивал извештаи за следење и притоа сакајќи да вметне некаков црв на сомнеж фрла светло дека луѓе блиски до мене ме кодошеле. И ме повикува јавно да сум кажел кои се тие луѓе. Јас не знам кој се тие луѓе и дали постојат, но знам дека во држава со сериозно обвинителство каде што владее законот тоа сериозно обвинителство треба уште утре Стево Пендаровски да го повика и да даде изјава пред обвинител за ова кривично дело кое јавно го призна и би се водела постапка за неовластено следење на политичките конкуренти“,
рече Мицкоски.

Според него, сите овие чекори покажуваат дека во опозициската партија, се силно уплашени, а тој страв, вели, е последица на тоа дека и тие знаат дека на овие локални избори ги чека дебакл.
„Тие не само што знаат дека нема да стигнат до власта туку се уплашени и за фотелјите во нивната сопствена партија. И тој страв им се гледа во секој нивен настап. А уште поголем страв им причинува фактот што ќе дојде ден кога ниту обвинителството, ниту ова распарчено судство кое Венко вели дека е професионално, ќе може да ги брани и заштитува. И правда ќе има. И само така Македонија ќе може да победи“,
кажа Мицкоски.