Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по лидерската средба изјави дека неговата партија е за избори час поскоро, но не по цена на човечки животи и не сакаше да лицитира со датуми.
„Ако еден загубен човечки живот е цената со која ВМРО-ДПМНЕ треба да победи на следните избори, а јас да го добијам премиерскиот мандат, одбивам да бидам дел од таквата процедура“
рече Мицкоски.
Тој вели дека предложиле план како да се дојде до кредибилен изборен процес, а притоа граѓаните да не бидат изложени на здравствен ризик.
„Предложивме план во неколку чекори. Прво, ако се водиме од ставот дека здравјето ни е најважно, тогаш да се консултираме со Комисијата за заразни болести и никој да не го проблематизира нивното мислење. Потребен е фер и кредибилен процес и мерките кои ќе бидат во сила навистина да гарантираат таков процес. Второ, да се направат консултации со ДИК за неопходното време да се подготви изборниот процес. Понатаму, комуникација и контакт со ОБСЕ/ОДИХР за набљудувачи и четврто, откако ќе ги имаме овие константи, да зборуваме за првиот можен датум кога да се одржат изборите“,
рече Мицкоски.
Тој план, рече тој, со мали измени е прифатен од останатите лидери и сега се очекува во текот на наредната недела да се добијат информациите и да се разговара.
Мицкоски посочи и оти претседателот Стево Пендаровски прашал дали некој сака да го дополни дневниот ред на средбата, а тој предложил да се расправа и за проблемите со Бугарија, но се пожали дека таквиот предлог бил одбиен.
„За жал, немаше консензус, претседателот на СДСМ одби да разговара за оваа точка. Жалам што ја испуштивме оваа можност да изградиме консензуален став кој треба да ни биде водилка во пристапувањето кон ЕУ“,
додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека прашал и што по истекот на вонредната состојба која завршува на 16 мај, но рече дека одговор не добил. Сепак, нагласи дека и кога било договорено да има избори на 12 април, парламентот се распуштил, па Владата функционирала.
„Поставив такво прашање, не добив одговор, претпоставувам дека деновиве јавноста ќе добие одговор дали ќе имаме или ќе немаме продолжување на вонредната состојба, но ќе се потсетам кога се распушти Парламентот, 60 дена пред 12 април кога требаше да одржат предвремените парламентарни избори ние немавме вонредна состојба што значи 60 дена техничката влада функционираше без вонредна состојба без овие уредби и имаше основна цел да ги подготви изборите и истите да ги спроведе“,
рече Мицкоски.