Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година е нападнат македонскиот идентитет. Тој договор е отровното дрво што раѓа отровни плодови, и затоа мора да го искорнеме, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
ВМРО-ДПМНЕ утре во ДИК ќе ги предадат 100-те потписи на иницијативата за собирање 150 000 потписи за распишување на референдум. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите најави дека во петок иницијативата ќе се достави до претседателот на Собранието. Потоа, законските одредби предвидуваат дека во рок од три месеци ќе треба да се соберат 150 000 граѓански потписи во подрачните единици на Министерството за правда, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се надева дека тоа ќе биде за многу пократко време. Доколку тоа се оствари, ќе следува период од 60 до 90 дена и водење на кампања за референдумот што значи, како што рече Мицкоски, некаде напролет тој би требало да се одржи и ќе биде најголем тест за македонскиот народ во поновата историја.

За референдумот да биде успешен потребно е најмалку 910 000 гласачи да излезат на гласање и да се изјаснат дали се за поништување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Ги повикуваме властите да не ја опструираат иницијативата за референдум, ниту во Собранието ниту со повикување на бојкот на гласачите. Ги повикуваме сите Македонци на едно семакедонско обединување, а бараме поддршка и од сите наши сограѓани, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи и други, да се солидаризираат со своите сограѓани Македонци, чиј идентитет е нападнат, и да излезат и да гласаат на референдумот“,
рече Мицкоски.
Тој објасни зошто референдумското прашање ќе биде поставено така како што е формулирано, иако рече дека за неговата дефинитивна верзија останува да се размисли за некои конкретни термини. Прашањето што сега го најавија е „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?“
„Прашањето го врзуваме со ратификацијата за да не може Собранието да се прогласи за ненадлежно за таа тема, затоа што договорот формално е потпишан од МНР и од Владата, а Законот за негова ратификација е донесен од пратениците во Собранието. Ако имаат демократско однесување, Владата и Собранието нема да се обидуваат да ја опструираат иницијативата за распишување референдум, а Владата, ако сака, може да ги повика луѓето да излезат на референдум, па ако треба и да гласаат против“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски, со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година е нападнат македонскиот идентитет.
„Тој договор е отровното дрво што раѓа отровни плодови, и затоа мора да го искорниме. И самиот договор има член во кој се предвидуваат условите за негово напуштање. Според тој член, секоја од страните може да се повлече од договорот, со тоа што ќе ја извести другата страна. Откако ќе ја извести дека се повлекува, тој договор за една година престанува да важи“,
појасни Мицкоски.
Претседателот на најголемата опозициска партија е убеден дека најавениот референдум ќе успее и оти граѓаните ќе ја препознаат важноста. Тој нагласи дека без разлика на исходот од референдумот ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи уставните измени за влез на Бугарите во Уставот.
„Пред нас постојат две дилеми, што доколку референдумот кој треба да биде задолжителен не успее, и второто е што ние немаме проблем со Берлин или Париз туку имаме проблем со Софија, зашто без да ја дефинираме историјата согласно нивните факти ние нема ниту да ги почнеме преговорите ниту да напредуваме на патот кон членство во ЕУ. Никој во ЕУ не може да ни гарантира дека Бугарија нема да продолжи со својата политика на вето. Оттука единствен пат е укинување на билатералниот Договор во кој постои збор за негово напуштање. Овој договор е отровно дрво што раѓа отровни плодови“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека верува во искрените намери на Брисел, Париз, Берлин и другите европски центри, но не ѝ верува на Софија.
„Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед“,
праша Мицкоски и додаде дека тие упорно тврдат дека не постојат македонскиот јазик и Македонците.
Лидерот беше дециден дека се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени.
Доколку референдумот е успешен и треба да се напушти Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека може да се преговара за нов договор, но и дека преговорите со ЕУ може да продолжат.
„Подготвени сме да преговараме за нов договор со Бугарија без асимилаторска содржина“,
нагласи Мицкоски.
Тој рече дека за иницијативата за референдумско изјаснување има поддршка од сите коалициски партнери, а очекува наскоро да се изјаснат и другите партии од опозицијата, како и помалите партнери од коалицијата на СДСМ, кои и досега искажаа резерви за договорот со Бугарија и за Преговарачката рамка за преговори со ЕУ.
Референдумот, според Мицкоски, не е антиевропски по својата природа, а слоганот за кампањата за референдумот ќе биде „Излези за Европа – не за асимилација“.