Министерот за правда Кренар Лога, пак, во објава на Фејсбук му одговори на лидерот на опозицијата. Тој објави две фотографии – првата, како се менуваше фасадата на МЕПСО со стиропор и гипс во рамките на проектот „Скопје 2014“, а втората од состојбата на затворот „Идризово“. Во опис на фотографиите напиша: „#ВМРО: ‘Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома’“
Преку демократски алатки, ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира предложениот закон за амнестија што го подготви власта, изјави денеска лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.
Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали има каква било комуникација со Владата во врска со новиот закон за амнестија, за кој денеска Министерството за правда информира дека е официјално подготвен, а кој се очекува да биде усвоен на наредната владина седница.
Мицкоски рече дека ниту има ниту ќе има каква било комуникација власта, ниту, пак, како што кажа, „има било каква точка или запирка додадена вредност во текстот на предложениот закон за амнестија“.
„Тој закон којшто е предложен, а од вчера и на јавноста достапен, е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии или дел од тие полтички партии денеска се од Владата и можете да видите дека таквиот закон не одговоара ама буквално ниту на потребите ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира“,
рече Мицкоски.
Министерот за правда Кренар Лога, пак, во објава на Фејсбук му одговори на Мицкоски. Тој објави две фотографии – првата, како се менуваше фасадата на МЕПСО со стиропор и гипс во рамки на проектот „Скопје 2014“, а втората од состојбата на затворот „Идризово“. Во описот на фотографиите напиша:
„#ВМРО: ‘Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома’“.
Претходно денеска Министерството за правда информира оти официјално е подготвен предлог-законот за амнестија, кој, доколку се усвои, ќе овозможи ослободување и намалување на затворските казни за лесни кривични дела. Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.