Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање на 20. годишна Конференција на Унија на жени најави големи промени во партијата и Владата. Тој се осврна и на договорот со Велика Британија нагласувајќи дека нема да се отвораат мигрантски кампови, а збореше и за трагедијата во Кочани

Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Денес најавувам дека веднаш по редовниот конгрес кој ќе се одржи на крајот од оваа година, а најдоцна почеток на следната година ќе има голема промена во партијата и во Владата. И ќе дадам се тоа да остане најчистиот дел од нашата работа, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање на 20. годишна Конференција на Унија на жени.
Тој истакна дека партијата интензивно се подготвува з апретстојните локални избори и најави дека кандидатите за градоначалници ќе ги објави во два циклуса.
„Пред нас се локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за избори интензивно. Кандидатите за градоначалници ќе ги објавиме во два циклуси, а првиот ќе започне на крајот на месецов по одржани состаноци на ИК и ЦК на партијата. Тоа што можам да го соопштам и кое ми е чест и задоволство, но и голема обврска и товар истовремено, е дека нашите кандидати било каде, во сите општини речиси водат најмалку 3 до 4 пати, споредено со кандидатите од опозицијата. Не само што водат нашите најдобри кандидати, туку водат и останатите двајца, тројца, четворица кои се на листите коишто се споредуваат со евентуалните кандидати коишто ќе ги предложи опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ победува на овие избори, а опозицијата прашање е дали ќе освои 2,3 или 4 општини. А ако продолжи вака како што тргнале, нема да бидам изненаден ако не освојат ниту една општина“,
рече Мицкоски.
На памет не ми паднало градење мигрантски кампови
Тој се осврна и на стратешкиот договор со Обединето Кралство за кој, како што рече, е договор за пријателство, економски раст и соработка во повеќе области кои се од клучно значење за државата.
„Овој договор многумина, а и јас го нарекуваме историски договор од повеќе причини. Овој договор е мојот – нов договор за Македонија, по примерот на оној кој го обзнани американскиот претседател Рузвелт и кој е познат во историјата. Овој договор подразбира отворање на работни места, равој, напредок, многу нови инфраструктурни проекти, многу големи гигантски проекти какви што досега немало, инвестиции во железницата преку брзи лини, автопати и патишта, болници, образование и што ли уште не. Ова е договор кој на Македонија ќе ѝ донесе пари за да работи и инвестира во својот напредок во вредност од 6 милијарди евра“,
изјави премиерот.

Тој посочи дека ова е договор кој значи и безбедност и безбедносна соработка со Обединетото Кралство, а се осврна и на информациите кои с епојавија во некои медиуми дека договорот предвидува отвораље кампови за мигранти.
„Секако ниту очекував, ниту мислев дека е возможно дури и една вака добра вест за народот да помине без оспорување од некои маргинални слуги на пропадната опозиција кои хорски настапија со идентични наслови критикувајќи го ова. И тоа изворот се оние кои лажно се прикажуваа за корифери на западната мисла овде, за сега да не критикуваат зошто сме биле на инаугурација на Трамп и слично. Замислете, седеле така и анализирале и во паника и агонија некој од нивните генијалци смислил мигрантски кампови. Нешто кое на памет не ни паднало ниту пак некој побарал од нас, а тоа впрочем јасно го кажа и британскиот амбасадор во земјава“,
рече Мицкоски.
Некрофилски се злоупотребува трагедијата во Кочани
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во својот говор се осврна и на трагедијата во Кочани и порача истата да не се злоупотребува.
„Сакам да предупредам дека многу нечовечки безобразно и некрофилски се злоупотребува огромната трагедија во Кочани. Тоа можев и да го чујам од роднините на настраданите кои минатата недела ги видов во Владата. Со огромна почит кон тие луѓе и отворен разговор, споделувајќи ја заедничката болка заради трагедијата која се случи, дискутиравме за повеќе аспекти и за она кое е во надлежност на владата и можности да се помогне во расчистување на случајот и да се помогне на семејствата во справување со тагата и предизвиците на животот во една ваква ситуација. Оваа трагедија не смее да се злоупотребува и сите кои имаат своја вина која придонела да се случи ваква трагедија мора да одговараат, и системот мора да се менува и да има правда, и во тоа заеднички сме одлучни и ние сме подготвени заеднички да продолжиме да работиме и да комуницираме и да помагаме за се поврзано со нив“,
рече Мицкоски.
Тој најави дека ќе има редовни состаноци со родителите на настраданите, како што рече, со сите кои сакаат да дојдат.