Старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на затворениот дел од денешниот партиски конгрес, пред присутните делегати кажал дека партијата ги оствариле трите клучни работи: создале коалиционен капацитет, ги подобриле односите со стратешките партнери и се зајакнале и реформирале.
„Денес ВМРО-ДПМНЕ е посакуван политички партнер од сите партии кои веруваат во нашите принципи и вредности. За првпат по подолго време, ВМРО-ДПМНЕ ги сруши стереотипите и направи коалиција со албанска политичка партија затоа што мојата филозофија е да веруваме и да инвестираме во вредности и работи кои нè обединуваат. Тоа пред само 4 години беше незамисливо за ВМРО-ДПМНЕ која во очите на пошироката и меѓународна јавност беше претставувана за радикален елемент. Денес имаме отворена комуникација со сите партии, без оглед на тоа каков предзнак имаат. И фала му на Бога што со дел од нив, како оние од власта, имаме отворени разлики, кои не се врз основа на нашата идеолошка матрица ниту национална припадност, туку врз основа на тоа какви вредности браниме“,
смета Мицкоски.
Тој потсетува дека вечерта, на вториот круг од локалните избори, пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се вееше и албанското знаме, покрај македонското.
„….Без притоа јас да ветам некакви национални романтизми и да ги излажам Албанците со некакви големи идеи од кои едната нација ќе се почувствува како подредена на втората како што тоа го правеше Заев и СДСМ, туку единствено што нè обедини е идејата под еден кров да го градиме нашиот заеднички дом – Македонија. Да ги решаваме нашите заеднички проблеми и да се осврнеме на тоа како до подобар живот“,
рекол Мицоски.
Тој посочи дека партијата вложила доста голем труд за да ја подобри комуникацијата со меѓународните партнери. Вели дека ВМРО-ДПМНЕ е јасно и недвосмислено ориентирана кон САД и ЕУ и реформирана.
„На сцена се многу нови луѓе, засилена организација на комитетите и нови градоначалници кои за прв пат ја имаат одговорноста да управуваат со општините. Но истовремено собравме сили да ги обединиме сите структури. Не сум приврзаник на тезата дека сè почнува од мене, и дека кога гледаме наназад не треба да се сетиме на ниту еден кој дал придонес и е подготвен да се вложува себеси во иднина, но сето тоа мора да е организирано со многу нов елан, со нова енергија која ќе направи совршена комбинација од најдобрите решенија кои на ВМРО ќе му носат победи, а на Македонија решенија на напластените проблеми. Денес ВМРО има нов лик, нов потенцијал за градење на иднина. Не велам само една нова генерација, туку спој на најдобрите генерации кои ќе донесат успеси. Ќе го покажеме најдоброто од сите генерации“,
вели Мицкоски.
