Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е во изолација поради ковид-19, преку социјалната мрежа Фејсбук вели дека на власта ѝ дал фер понуда за излез од, како што вели, ќорсокакот во кој ја однесоа државата.
Според него, понудата да се почне процесот за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот е најдобро решение бидејќи, доколку власта навистина има 80 пратеници, тогаш тој ќе се повлече од политиката. Но, доколку нема, народот на предвремени парламентарни избори ќе избере нова Влада која, според него, ќе има народен кредибилитет.
„Во првиот случај, ако навистина верува власта (како што брифира, директно или преку своите инсталации) дека има 80 пратеници, тогаш нема подобар начин да се потврдат тие политики и да се ‘вивнеме’ со нив кон европските височини, а и ќе се спасат од мене во политиката, та нели е тоа цел во една политичка борба. Во вториот случај, да одиме на предвремени избори и да оставиме народот да избере влада која ќе има народен кредибилитет, а не ваков инсталиран, каков што има оваа влада. Фер понуда…, искрен да бидам очекував сериозно да размислат и барем еднаш да го стават државниот и народен интерес пред личниот (велам личен бидејќи таму веќе нема ниту партиски). Тие, сепак, ми потврдија дека сум бил оптимист, додека првиот човек во владата молчи (сигурно од ПР агенцијата му велат не одговарај ти, ќе одговориме преку прокси, а човекот има рејтинг едноцифрен процент) одговорија преку министерот за култура (развеселување), а денес слушнавме и дека тоа што до вчера беше најважно сега и не е толку важно, па ќе ни кажат дека тоа што во јули беше најважно и во септември почнуваме со уставните измени, сега во август и не е толку важно, имало време“,
пишува Мицкоски.
Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, власта ниту има поддршка за уставни измени, ниту ќе има поддршка на избори.
„Власта не ја интересираат ниту европски височини, ниту европски вредности, туку исклучиво лични привилегии, корупција и многу украдени народни пари преку тендери во четири очи. Ниту имаат подршка во парламентот за уставни измени, ниту пак ја заслужуваат овие политички изманици. Оттука прашањето околу уставните измени за ВМРО-ДПМНЕ е затворено. А, власта се плаши од избори затоа што нема поддршка“,
пишува Мицкоски додавајќи дека потребни се предвремени парламентарни избори за Македонија да престане да губи.
Тој во неделата гарантираше дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот. Рече дека ако некој од пратениците гласа, тогаш тој ќе си замине и ќе ја напушти политиката. Еден ден подоцна кажа дека доколку власта собере 80 пратеници, тогаш тој ќе замине од политиката.
Мицкоски преку социјалната мрежа Фејсбук предупредува дека можни се бројни нерегуларности при изборот на градоначалник во Маврово Ростуше, каде во тек е кампања откако на локалните избори немаше цензус за избор на градоначалник.
