Мицкоски рече дека денеска разговарал со Арбен Таравари и Изет Меџити пред прес-конференцијата, а вечерва разговарал и со Биљал Касами и очекува брзо да се формира влада со коалицијата „Вреди“. Притоа, како што рече, ќе разговара и со останатите партии
Kриминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, одземената држава, тендерите, непотизмот… работи со кои направија државата да страда, а народот да е разочаран – вечерва конечно се поразени.
Со овие зборови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој извесно е дека ќе го добие мандатот за составување нова влада, ја образложи денешната победа на коалицијата „Твоја Македонија“.
Според него, стотина луѓе од ДУИ и СДСМ ќе одговараат затоа што се сметале за господари.

„Падна владата во Македонија и има причина за тоа – криминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, одземената држава, тендерите, непотизмот…работи со кои направија државата да страда, а народот да е разочаран. Вечерва конечно се поразени. Поразени се и предавствата, поделбите. И тие стотина луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи ги боли главата, и има зошто. Ќе одговараат до последниот. Секој кој направил криминал и спровел корупција. Мора да има одговорност којашто ќе се темели на правда и закон“,
рече Мицкоски во своето обраќање.
Тој вели дека двојната победа е уште послатка за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи поразен е обидот за бојкот на ДУИ.
„Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себеси. А ДУИ покажаа дека се најмалку партија која се грижи за Македонија и станаа силно криминализирана структура. Но, сè им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себе. Време да одат заедно со СДСМ во опозиција. Народот одржа лекција и си ја спаси државата“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој уште потенцира дека денешните резултати покажале оти Македонија не припаѓа на ниту една партија.
„Честа е голема, одговорноста уште поголема, нема да ве разочараме. Планирам резултатите да се почувствуваат веднаш. Во напредна фаза сме за силен инвестициски пакет кој ќе ја зајакне економијата. Уште во првите 100 дена очекувајте добра вест за народот и македонската економија. Заедно и обединето треба да направиме повеќе за сопствената и иднината на нашите деца“,
рече Мицкоски.
Упати порака и до идните функционери:
„Никогаш не го заборавајте овој народ. Овој народ испиша историја. Со истрајност и верба го победи криминалот и корупцијата. Овој народ си ја врати повторно Македонија. Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори. Оставете бел образ, бидете одговорни и чесни. Ќе се соочите со овој народ повторно, немојте ни на крај памет да ви текне да го потцените овој народ. Нема еуфорија, ароганција. Нема да е лесно, има многу предизвици. Доста е со деновите кога една влада служеше само на поединци“.
Тој сподели информација дека денеска разговарал со Арбен Таравари и Изет Меџити пред прес-конференцијата, а вечерва и со Биљал Касами. Очекува брзо да формира влада со коалицијата „Вреди“. Притоа, како што рече, ќе разговара и со останатите партии.