Прашан за зголемувањето на ДДВ на одредени продукти од 5% на 10%, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека Владата пред неколку месеци зборувала за зголемување даноци на луксузни производи, а сега во реалноста ги поскапела основните прехранбени производи
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Владата го зголемила данокот на додадена вредност на многу производи бидејќи во моментот во државниот буџет недостасуваат пари, а тие пари, според Мицкоски, биле потрошени на сомнителни тендери и криминал. Тој дополни дека до неговата партија пристигнуваат информации за криминал кој е направен од страна на актуелните власти и рече дека доколку надлежните органи не постапат и ги истражат овие наводи следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе има намера да се занимава со овие девијантни однесувања.
„Јасно е тоа што го зборувавме и тогаш и сега, излегува дека е точно а тоа е дека им недостасуваат пари во буџетот, а им недостасуваат пари во буџетот затоа што го трошат немилосрдно буџетот за проекти за кои што шајка не е закована. Знаете за еден таков проект потрошија повеќе од 200 милиони евра но за жал немаме ниту шајка заковано и затоа сега им требаат уште пари за тендери во четири очи, за провизии за кои што се враќаат. Јавна тајна е дека човек фирма со чантичка шета низ Македонија и нуди работа за тој проект, а за сметка на тоа бара огромни провизии“,
рече Мицкоски.
Мицкоски кажа и дека кога власта нема пари во буџетот, тогаш единствен извор за повеќе пари се поголемите даноци кои треба да ги плаќаат граѓаните.
„Така што да сумирам им недостасуваат пари, што прават тогаш, тогаш единствен извор за повеќе пари им се поголеми даноци и на сметка на граѓаните, на грбот на граѓаните, затоа граѓаните треба да се свесни дека секој еден денар што го плаќаат повеќе за производите кои што до вчера ги плаќале поевтино се директно пари за тендери во четири очи на владата на ДУИ и СДСМ и се директно пари кои што ги плаќаат на овие луѓе кои што се дел од коалицијата ДУИ и СДСМ“,
изјави Мицкоски.
Претходно денеска, премиерот Димитар Ковачевски, по поскапувањето на одредени продукти чиј ДДВ од 5% се зголеми на 10% денеска изјави дека С Македонија има најнизок ДДВ во регионот, а прехранбените производи кои поскапеа и понатаму се со повластена стапка, т.е се под основната стапка за даночење од 18%.
Тој дополнително рече дека за оваа одлука имало многу детален брифинг од Министерството за финансии, а воедно на неа работеле и голем број на експерти, претставници од академската фела и стопанските комори, и затоа не треба да се прави хистерија и да се шират невистини за поскапување на некои производи, особено кај оние од повластената листа.
„Видов шпекулации дека брашното ќе се покачи, но не е точно. Хистерија се шири за ова и сметам дека е непотребно. Така што овие производи кои се произведуваат на 5%, и се однесува на 1 600 такви продукти кои остануваат на 5%, имаме гарантирани цени кои се оставени на стапки од 5%. Она што е направено е направено да го штити стандардот на граѓаните, второ ќе видите дека струјата не поскапи, не поскапи парното, ниту храната“,
рече Ковачевски.
Премиерот кажа и дека не постои никаква селективност во спроведувањето на мерки, и со тоа според него, до крајот на годината ќе дојдеме 5% инфлација која ќе биде на ниво на едно од пониските во регионот и Европа. Тој рече дека треба а се земе во предвид и тоа што ДДВ во Македонија е најнизок во регионот и речиси во цела Европа, бидејќи кај нас изнесува 18%, додека пак во Србија 20%, Грција 21% и Албанија 20%.
„Листата, доколку постои некој производ 2-3 производи кои претставуваат во количини нешто што се користи во секојдневна основа, може да се разгледаат. Но листата е добро прегледана, но тие се оние производи кои во најголем дел се користат во нивната секојдневна употреба. Тука спаѓаат и производи во производство на храна, исто така земјоделска механизација, ѓубрива, и така натаму“,
кажа Ковачевски.
Вчера, министерот за финансии, Фатмир Бесими кажа дека споредено со другите држави од регионот и од Европската Унија и со оваа Одлука земјава останува со најширока листа на производи со најниска повластена тарифа.
„Споредено со другите држави од регионот ние сме со најниска основна стапка на ДДВ од 18 проценти, кај останатите е 20, 23, 25, 27… И во таква ситуација сме со најниска повластена стапка и за разлика од некои што имаат само една повластена стапка ние имаме две. Кон оваа Одлука е пристапено многу внимателно во однос на заштитата на стандардот, особено за тие со пониски примања и таа нема да влијае на производите што се на листата на времената мерка на Владата за гарантирани цени“,
вели министерот Бесими.
