Според него, Владата ги има исполнето своите обврски со тоа што постигнала договор со Синдикатот на УПОЗ и со Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ) за зголемување на платите на околу 11 000 административци од скоро 40 отсто до 2028 година

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека денешните протести на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и блокадата на Собранието имаат политичка заднина.
Според него, Владата ги има исполнето своите обврски со тоа што постигнала договор со Синдикатот на УПОЗ и со Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ) за зголемување на платите на околу 11 000 административци од речиси 40 отсто до 2028 година.
„Со ова Владата како најголем работодавач го заокружува договорот со своите колеги“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешна посета и увид во градежните активности на доградба на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Општина Кисела Вода.
Прашан дали е планирано да се седне на маса со синдикалците што денеска блокираа и да се донесе едно конечно решение за минималната плата, Мицкоски беше со негативен одговор велејќи дека не може да поддржи „политички инструирани самонаречени водачи“ и оти не сака да навлегува во таков тип процеси.
„Еден од денешните протестанти со мене пред два дена држеше прес-конференција видно во егзалтична состојба задоволен од тоа што го постигнал. Денеска го гледате блокира со тој другиот којшто се повикува на работнички права, а злоупотребува службени возила за приватни цели“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека работниците допрва ќе бидат сведоци за, како што рече, тоа кој ги води и кој ги манипулира во овие политички инструирани процеси.
„И тоа во периодот што следи ќе го има, нема да престане, јас сум свесен“,
кажа тој.
Мицкоски повтори дека Владата ќе го поддржи секое решение што ќе го договорат работодавачите и работниците.
Минатата недела, на средба со синдикатите Мицкоски рече дека околу 11 000 административци ќе земат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година и оти пресметките се дека во следните три години ќе се исплаќаат дополнителни десет милиони евра годишно, но со реорганизација и редефинирање на приоритетите во Буџетот, средствата ќе бидат обезбедени.
Денеска, собраниската зграда два часа беше блокирана од ССМ, а работниците побараа зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на сите други плати за 100 евра. Работниците најавија дека блокадите и протестите ќе траат сè додека не се исполнат нивните барања.
