Во овој контекст, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека над 65 проценти на карпошани сметаат дека актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски не заслужува реизбор, а оти последните анкети покажуваат убедливо фаворизирање на Сотир Лукровски за градоначалник на Карпош уште во првиот круг
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот митинг во Карпош изјави дека актуелниот градоначалник на оваа општина Стевчо Јакимовски и лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз, Венко Филипче, пред неколку дена тајно се сретнале во седиштето на СДСМ и разговарале како да обезбедат 2 000 гласа за Јакимовски, за влез во вториот круг од локалните избори.

„Но тука има непознати во оваа равенка. А, јас знаете дека сум по равенките и математички прецизно ќе им порачам. Прв проблем – народот не е квантум на гласови, не е тоа вреќа, па ќе купите и ќе претурите, тоа се луѓе со судбини, со иднина, со предизвици, со животи. Тоа се семејства со мечти и амбиции, кои знаат, кои критично гледаат на работите, и оценуваат. Посебно затоа што анкетите се така јасни што дури и од Горни Милановац да донесете гласачи, каде еден познат македонски политичар имал кариера во минатото, повторно нема да им успее“,
изјави Мицкоски.
Во овој контекст, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека над 65 проценти на карпошани сметаат дека актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски не заслужува реизбор, а оти последните анкети покажуваат убедливо фаворизирање на Сотир Лукровски за градоначалник на Карпош, уште во првиот круг.
Обраќајќи му се директно на Лукровски, Мицкоски му рече дека во текот на оваа кампања по првпат одблизу може да ја види валканата страна на политиката.
„Јас тоа го искусив многу одамна низ еден тежок пат на проблеми и предизвици, во кои и ти беше покрај мене, кога ме нарекуваа со најлоши зборови, кога ми ја саботираа партијата и иднината, кога ми лепеа разни глупости и етикети. Го преживеавме тоа и ги победивме. Но сега ти директно го гледаш тоа. Знам дека твоја желба е да ја исчистиш политиката од калта и бахатоста, и во тоа секогаш ќе ја имаш мојата поддршка. Ја знам твојата волја и ја знам твојата мотивација и знам дека ќе успееш. Знам дека заедно ќе успееме“,
изјави Мицкоски.