Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ следува откако претседателот Стево Пендаровски вчера кажа дека не ги разбира аргументите на опозицијата против уставните измени
Повикот на премиерот Димитар Ковачевски за национален консензус за уставните измени, пак, Мицкоски го оцени како задоцнет. Единствено нешто за што сега може да се зборува, рече лидерот на опозицијата, е изборот за датум за предвремени парламентарни избори
Воопшто не ми е гајле дали Стево Пендаровски ја разбира ВМРО-ДПМНЕ или не – тоа е негов личен проблем. Ова денеска го изјави лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски откако вчера шефот на државата кажа дека не ги разбира аргументите на опозицијата против уставните измени.
Ние, рече Мицкоски, го разбираме Пендаровски зашто тој во моментов коленичи за да добие втор мандат и да биде поддржан од СДСМ и ДУИ мислејќи дека на тој начин ќе биде реизбран.
„Мислам дека тоа му е погрешна проценка и дека само го губи својот образ и човечко достоинство, но нека продолжи да коленичи. Нас ни е важно дека сме разбрани кај повеќе од 80 проценти од граѓаните, а дали Стево Пендаровски нè разбира тоа е негов личен проблем и можам да ви кажам дека и воопшто не ми е гајле дали Пендаровски не разбира или не“,
изјави Мицкоски по средбата со претставници на Стопанската комора.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со оценка дека текстот за уставните измени кој е усвоен од Владата е неразумен и не е содржан во заклучоците од Советот на ЕУ, во Преговарачката рамка и Протоколот. И денеска остана на истата позиција велејќи дека никаде во Преговарачката рамка ниту во заклучоците од Советот на ЕУ не е наведено како треба да изгледа предлог-текстот за измена на Уставот.
„Не можам да ги разберам Ковачевски и Пендаровски. На политичката сцена, не само во Македонија туку и пошироко, јас досега немам забележано луѓе кои толку ги мразат својот народ и својата држава и прават таква историска штета. Влегуваат во процес којшто знаат дека не можат да го испорачаат, но мислат дека на тој начин ќе им се допаднат на некои меѓународни фактори на влијание и ќе останат ден-два, недела-две, месец-два, година-две повеќе на политичката сцена. И потоа, на истите тие меѓународни фактори ќе им велат ‘одете правете и притисок на опозицијата’“,
изјави Мицкоски.
Поднесувањето на текстот за уставните амандмани Мицкоски го оцени како трета по ред суштинска грешка на владата на Ковачевски бидејќи, како што рече, во моментов воопшто нема потреба од негово поднесување бидејќи прво треба да се утврди потребата за отворање на Уставот за што се потребни 80 пратеника.
„Првата суштинска грешка беше што за првпат на политичката сцена во Македонија влегоа во процес во кој немаат политички и општествен консензус. Тоа беше кога тајно преговараа со Бугарија и тогаш како резултат на тие тајни договори излезе т.н. француски предлог. Второ – што влегоа во процес на прифаќање и покрај тоа што беше јасен ставот на најголемата поличка партија и на огромното мнозинство на граѓани дека тие немаат општествен и политички консензус. И сега трет случај е овој каде што без никаква потреба излегуваат во јавност со предлог-тескт за уставните амандмани“,
додаде Мицкоски.
Повикот на премиерот Димитар Ковачевски за национален консензус за уставните измени, пак, Мицкоски го оцени како задоцнет. Единствено нешто за што сега може да се зборува, рече лидерот на опозицијата, е изборот за датум за предвремени парламентарни избори.