„Прв ќе бидам којшто ќе застане да го води народот. Еве јас ви ветувам дека тоа ќе се случи. И после да нема вака било така било“, изјави премиерот во гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5 одговарајќи на прашања во врска со интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет
Ќе им се случи народ. Ќе излезе народ на улица и ќе протестира. Народот е гладен и жеден за правда. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан кој е планот на владејачкото мнозинство доколку петтемина членови на Судскиот совет останат на своите позиции и не си поднесат оставки откако Собранието во вторникот им изгласа недоверба.

Одговарајќи на дополнително прашање во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, дали тоа може да се изведе по институционален пат, Мицкоски рече дека актуелните закони се такви какви што се и оти „ние не можеме сега друг тип на закони да цртаме или да пишуваме“.
„Тоа е. За жал, така е, и затоа сме тука каде што сме, затоа тие истите имаат таква доверба. Замислете имате вие кај граѓаните доверба помала од два проценти, три, пет, осум, не е битно, ве разрешуваат и вие не си заминувате. Водите инает. Ќе им се случи народ, нема играње со тие работи. Прв ќе бидам којшто ќе застане да го води народот. Еве јас ви ветувам дека тоа ќе се случи. И после да нема вака било така било“,
рече Мицкоски.
На новинарска забелешка дека она што предизвикува загриженост кај експертите и кај јавноста е кој ќе дојде на место на овие членови на Судскиот совет, во смисла да не бидат партиски кадри на оваа власт, Мицкоски рече дека не знае кој ќе дојде, ниту пак, како што додаде, му паѓа на памет да размислува на тоа.
„Ние можеме да си измислуваме колку сакаме, важел за близок на Гоце, на Христијан или Изет Меџити. Овде имаме луѓе за кои имаме докази за тоа кои се и како се. Не е ова сега дека јас нешто сакам да измислувам или се кафански муабети. На крајот од денот, ние сите овие процеси коишто ги водиме, не ги водиме за да биде исто. Немам јас причина да биде исто. Немам никаква причина како прв човек на Владата да биде исто само со нови луѓе, па сега ќе видат тие“,
кажа премиерот.
Во контекст на темата, прашан за новиот закон за Судскиот совет којшто се подготвува, Мицкоски се повика на извештајот на Оценската мисија на Европската Унија, кој, како што кажа, дава насоки како треба да се движат реформите и дека тие ќе бидат имплементирани.
Без да биде конкретен, но според контекстот на разговор, Мицкоски рече дека не го распуштиле Судскиот совет, држејќи се до извештајот на Оценската мисија.
„Еве не го распуштивме, јас трпев политички куршуми, не го распуштивме, еве ќе се држиме до извештајот на Оценската мисија, каков е таков е, само нешто да смениме луѓе, не оди вака. Ако сакаме да имаме држава, ако сакаме да си играме држава тоа е друго дванаесет. Јас не должам никому ништо и сакам да имаме држава и моите деца да растат во оваа држава, да создаваат семејства и да останат во оваа држава и се борам до крај. Досега сум успеал во таа борба, не знам како ќе биде понатаму. Можеби нема да успеам, но ќе се борам“,
кажа премиерот.

Притисокот за оставки кој доаѓа од Владата кон членовите на Судскиот совет чии интерпелации поднесени од владејачкото мнозинство беа изгласани завчера, денеска актуелниот известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц ги оцени како политичко мешање во независното судство.
„Овој повик од владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, кои се фундаментални вредности за патот на Северна Македонија кон ЕУ“,
вели Вајц.
Мнозинството пратеници ги поддржа интерпелациите на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Иливеска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми, а аргументите за ваквата одлука наведени во изгасаните заклучоци беа дека тие имале „значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството“. Воедно, се наведува дека ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
Интерпелциите на овие членови на Судскиот совет не значат и престанок на нивните функции, односно тие не повлекуваат правно дејство.