Во оваа смисла премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека како партија го ставаат државниот интерес пред политичките емоции
Разбирам дека има политички партии кои освен поделби и националистички испади немаат друга програма за да ги мобилизираат своите гласачи, па единствена работа што можат да ја направат е да повикуваат на предвремени избори. Но, оваа влада има полн легитимитет – изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали по локалните избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори.

„Оваа влада има полн легитимитет. Повеќе од 600 илјади граѓани минатата година гласаа за оваа влада. ВМРО-ДПМНЕ убедливо ги победи со историски резултат во 2021 година на локалните избори, па беше во опозиција три години, па дојдоа парламентарни избори, убедливо ги победи со историски резултат. Денеска сме влада“,
изјави Мицкоски.
Во одговорот на новинарското прашање тој во контекст го стави ревидираниот Бруто-домашен производ (БДП) за 2024 година од три проценти, за кој рече дека е еден од најголемите во Европа.
„Тоа е над сите очекувања на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Би било навистина жално ако сите овие позитивни индикатори ги прекинеме со предвремени парламентарни избори“,
додаде Мицкоски.
Во оваа смисла рече дека ВМРО-ДПМНЕ како партија го става државниот интерес пред политичките емоции.
Минатата недела Мицкоски изјави дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на годинашните локални избори, логично е да се оди и на предвремени парламентарни избори. Но, како што рече, за таа одлука нема да се водат од политичкиот, туку од интересот на државата.