Претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека не би го чудело „Софија да се повлече од барањето за уставни измени“. Од скопски Бутел, каде имаше заеднички настан со тамошниот градоначалник од редовите на неговата партија, тој објаснуваше дека Бугарија е изолирана во ЕУ и дека е можно тактички да се откаже од барањето за промена на Уставот.
Маневарот, како што објасни Мицкоски, би довел до експресно прифаќање на преговарачката рамка во која според опозициската партија е вменат билатералниот договор меѓу Северна Македонија и Бугарија. А ВМРО-ДПМНЕ за цело време тврди дека билатералниот договор и протокол се предавство на македонскиот народ и идентитет.
„Сега нема ништо Бугарија. Бугарија повторно е изолирана во нејзината намера да се фокусира на протоколи и билатерален договор. Тие се уште го немаат европеизирано нивното барање. И тоа ги прави вознемирени. Ако се сеќавате излезе еден брифинг, што ако Софија се повлече од барањето за уставните измени. И не би ме чудело ако Софија се повлече, па некој тоа тука да го претстави како голема победа. Не, повлекувањето на Софија и репроектирањето да речеме пред вториот кластер, ќе значи прифаќање на преговарачката рамка, од оваа предавничка влада и тогаш ќе значи дека билатералниот договор сега станал европски договор. Да не ве чуди ако тоа се случи. Да рече Софија се повлекуваме од барањето и да излезат тука Бујар, Димитар, Бојан и да речат еве ние направивме. Не, тоа е маневар. Зошто? Затоа што знаат дека доаѓа владата на ВМРО-ДПМНЕ, силна, која оваа преговарачка рамка ваква нема да ја прифати. Тука ние треба да се фокусираме”,
изјави Христијан Мицкоски.

Додека во овој дел од изјавата Мицкоски зборуваше хипотетички, набрзо потоа доби и конкретно прашање од присутните новинари.
прашање: Дали имате некакви информации дека е можно Софија да се повлече од барањето за промена на Уставот?
Мицкоски: Па, имам. Да, имам.