За изборот на Шекеринска ѝ честитаа голем број светски лидери, како и сопартијците од нејзината матична партија, СДСМ. Од најголемата опозициска партија денеска реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одбрале да го одмолчат назначувањето на Шекеринска во НАТО
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека уште вчера ѝ се јавил на Радмила Шекеринска и ѝ честитал за изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО.
„Уште вчера ѝ се јавив по телефон на Шекеринска и разговаравме, нема дилема дека треба да соработуваме и заедно да направиме сè што можеме да ѝ помогнеме на македонската армија, а со тоа и за безбедноста и сето она што им е потребно на македонските граѓани“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека лично тој и Владата немале дилема да ја поддржат кандидатурата на Шекеринска, без оглед на политичките и идеолошки разлики.
„Не е тајна дека во минатото сме имале и до денеска многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките, идеолошки разлики – и тоа не треба да го криеме бидејќи доаѓаме од различни политички семејства и опции. Но, како влада имавме пред нас предизвик за одлука кој и како да го поддржиме за заменик-генерален секретар на НАТО бидејќи имаше кандидати од неколку земји. Ние немавме никаква дилема тука бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата. И доколку повикувате, а тоа не го правите на дело, тогаш сте лицемерни. Затоа ние како влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска туку и активно разговаравме со нашите сојузници. Ниту јас ниту ние како влада немавме дилема дека треба да ја поддржиме кандидатурата, и добро е што успешно се заврши“,
рече премиерот.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера одлучи да ја назначи македонската поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка во Алијансата.
Шекеринска порача оти посветено ќе работи за уште посилна и побезбедна Алијанса и дека е привилегирана да служи како заменик-генерален секретар во Организацијата.
За изборот на Шекеринска ѝ честитаа голем број светски лидери, како и сопартијците од нејзината матична партија, СДСМ. Од најголемата опозициска партија денеска реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одбрале да го одмолчат назначувањето на Шекеринска во НАТО.
„Наместо да го честитаат успехот на Радмила Шекеринска, која како прва од нашиот регион е избрана за заменик-генерален секретар на НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска-Давкова одлучија да останат заглавени во сопствената малодушност. Наместо да честитаат за успехот на една Македонка која го подигна меѓународниот углед на државата, ВМРО-ДПМНЕ молчи, како што молчи кога треба да покаже визија, идеја или барем минимална политичка пристојност. Наместо честитка, од нив добивме тишина. И таа тишина зборува гласно за нивната љубомора, за нивниот страв од секој што е поголем од нивната ситна политика“,
соопштија од СДСМ.