Во однос на најавите што проструија во јавноста дека унгарскиот премиер Орбан на 7 ноември во Будимпешта има намера да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер и бугарскиот претседател Радев, Мицкоски истакна дека таква информација нема ниту, пак, е закажaна таква средба
Најавеното писмо до европските лидери во кое се очекува премиерот Мицкоски да ги информира за македонските позиции во однос на продолжувањето на процесот на интеграција кон Унијата не е готово. Претседателот на Владата денеска соопшти дека што ќе има во него во голема мера ќе зависи од тоа што ќе го чуе на средбите кои наредните денови ќе ги има во германската престолнина.
„Писмото е во подготовка. Патувам утре во Берлин, има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари и сакам пред да го испратам писмото и содржината, да имам уште малку повеќе јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Во однос на најавите што проструија во јавноста дека унгарскиот премиер Орбан на 7 ноември во Будимпешта има намера да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер и бугарскиот претседател Радев, Мицкоски истакна дека таква информација нема ниту, пак, е закажна таква средба.
„Доколку постои иницијатива за таква средба, и на 7 ноември, и на 17 октомври, и на 27 октомври, јас сум подготвен да седнам и да разговараме. Не мора да биде тоа Будимпешта, тоа може да биде каде било. Да седнеме, да разговараме, да најдеме решение кое ќе биде решение на долг рок и ќе гарантира Копенхагеншки критериуми, ќе гарантира права и успех во процесот на преговори. Но, доколку дојде таква иницијатива од Орбан на 7 ноември, кога Унгарија е домаќин на состанок на Европската политичка заедница јас сум подготвен да седнеме, но да разговараме врз основа на аргументи а не на диктат. Диктати не прифаќам“,
нагласи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски ги коментираше и соопштението на ДУИ по средбата на нивниот лидер Ахмети со бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков, а во кое посочуваат дека бугарската заедница во Северна Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот бидејќи од тоа никој ништо не губи, напротив, сите добиваат. Мицкоски изрази жалење што Ахмети ова прашање го користи за дневна политика мислејќи дека така ќе добие некој поен повеќе.
„Јас не мислам дека ќе добие поен ако се вовлекува на соседите, наместо со тие со кои што дома дели секојдневие. Дали бугарското малцинство е реалност или не, за тоа говорат бројките. Математиката е егзактна наука и тие велат дека неколку стотини граѓани го користат бугарскиот јазик како мајчин јазик. Не можеме ние да кажеме дека тие не постојат. Исто како што можеме да кажеме дека во Албанија има 7-8 пати повеќе Бугари отколку во Македонија. Но, исто така е реалност и македонската заедница во Бугарија. Исто и тоа е реалност, ако ги гледате бројките. Ако ние зборуваме Бугарите да ги вклучиме во Уставот сега, тогаш треба да видиме македонската заедница во Бугарија какви права има и да ги споредуваме, реалноста на бугарската заедница во Македонија и македонската во Бугарија. Тогаш можеме да носиме вистински заклучоци. Не можеме да споредуваме баби и жаби. Затоа, за мене тоа не е тема за дневна политика. Тоа е тема на која треба да разговараме стратешки, со визија, затоа што таа тема треба нам да ни го отвори и загарантира членството во рамките на ЕУ на основа на Копенхагеншките критериуми. Бугарија е потписник на Резулуцијата за заштита на човековите права а има 14 пресуди од Судот за човекови права кои што велат дека Бугарија не ги почитува човековите права на македонската заедница. А нема ниту една таква за бугарската заедница во Македонија. И затоа треба тука работите да ги изанализираме правилно. Не можеме ние секогаш да удираме по грбот на македонската заедница“,
рече Мицкоски.