Вечерва, Мицкоски е во Собранието со Хоџа од Беса, Таравари од Алијансата за Албанците, Гаши од Алтернатива и со Апасиев од Левица. Овие пет партии имаат 61 пратеник во овој состав на законодавниот дом
Имаме ново парламентарно мнозинство, објави вечерва на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, приложувајќи фотографија од која може да се заклучи дека кон опозицискиот блок се приклучува и Беса, со тројца пратеници.
Вечерва, според информации на „360 степени“, Мицкоски е во Собранието, на средба со Адријанит Хоџа од Беса, со Арбен Таравари од Алијансата на Албанците, со Африм Гаши од Алтернатива и со Димитар Апасиев од Левица. Овие пет партии имаат вкупно 61 пратеник во овој состав на законодавниот дом.
Беса остана со тројца пратеници по локалните избори, откако партискиот лидер Билал Касами стана градоначалник на Тетово, а на негово место влезе следниот од листата на СДСМ во шестата изборна единица од парламентарните избори минатата година.
По вториот изборен круг и оставката на Зоран Заев од премиерската функција, Касами настапуваше со став дека досегашната Влада, во која партиципира и Беса, треба да продолжи со работа и дека има мандат до 2024 година. Беса ја смени позицијата синоќа откако ДИК прифати приговор на ДУИ за Желино, каде што во вториот круг за градоначалник победи кандидатот на партијата на Касами.
На вечерашната средба во Собранието присуствувал и претседателот на Алтернатива, која се споменуваше како можен нов партнер во досегашното мнозинството на СДСМ, ДУИ и Беса, кое броеше 62 пратеници.
Меѓу двата изборни круга, Алијансата за Албанците и даде поддршка на Беса за Тетово и за Желино во „финалната битка“ со противкандидатите од ДУИ за градоначалници на овие две општини. Од друга страна, изостана поддршка за Беса од Алтернатива, од каде што рекоа дека ќе останат конзистентни во претставување на опозицискиот глас.