Имаме три пакети мерки и многу пластично може да се споредат ефектите од нив. Бенефити нема, сѐ полошо е во економијата, а најновиот пакет мерки освен за пи-ар нема никаква корисна функција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.
„Може слободно да се каже дека претставува изборна измама. Измама која сега се вика трет пакет мерки, а иста како онаа дека ќе имало просечна плата од 500 евра, чист воздух, ќе дошол живот, ќе имало реформи во судството и правосудството, правда за секого, Фејсбук и Гугл ќе дошле ќе инвестирале во Македонија итн. Единственото економско достигнување остварливо за Владата е дефицитот, и тоа е околу 200 милиони евра за 4 месеци. Секое домаќинство е задолжено со нови долгови, а граѓанинот исто како и бизнисот мака мачи да сврзе крај со крај“,
рече Мицкоски.
Според него, дел од мерките во третиот пакет се и онака дел од програмата на работата на Министерството за земјоделство, а сега одеднаш станаа антикризни мерки.
„Трет сет мерки, кој четврти пат ни се најавува на четврта различна прес-конференција од страна на ресорниот министер. Овој трет сет мерки опфаќа три групи мерки коишто ги предвидела Владата. И тоа првиот е посветен на поттикнување на јавната потрошувачка и се однесува на помош кон граѓаните, вториот е исто така помош кон стопанството и третиот е помош кон земјоделството и земјоделците. Третиот пакет мерки се всушност мерки кои се и онака дел од програмата на работа на Министерството за земјоделство и не знам на каков начин истите тие мерки, кои практично се мерки за редовен план на работа во Министерството за земјоделство, стануваат антикризни мерки“,
вели Мицкоски.
Тој ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси да излезе со став во врска со овие мерки.
