„Следниот редовен попис треба да се случи во 2031 или 2032 година, но, ако некој се сомнева и има политичка волја бидејќи сепак, на крајот од денот, таа процедура се гласа во парламент, тогаш можеме сега да го направиме бидејќи некој повторно се обидува да ги злоупотребува чувствата на граѓаните со политички пораки, а ова е статистичка операција“, изјави денеска премиерот објаснувајќи го вчерашниот негов предлог за вонреден електронски попис догодина

Одлуката на Уставниот суд за укинување на делови од Методологијата за попис на населението кои се однесуваа на категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ население отвори дебата во јавноста.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на пратеничко прашање од собраниската говорница, предложи следната година да се направи вонреден електронски попис, а денеска одговарајќи на новинарско прашање изјави дека треба да се види дали има основа за кривична одговорност поради користењето на ваквата методологија на пописот во 2021 година.
„Политичка одговорност има затоа што тие што тогаш беа на власт сега се опозиција. Треба да видиме дали има основа за кривична одговорност бидејќи ние не можеме да ја развиваме државата врз основа на лажни податоци. Ние треба да имаме вистинити податоци за да ја развиваме државата, ние сме сега влада, утре ќе дојде друга влада и ќе треба да ја развива државата, врз основа на што?“,
кажа премиерот.
Редовните пописи, како што рече премиерот, се спроведуваат на почетокот на секоја декада, што значи дека следниот редовен попис во земјава би бил во 2031 или 2032.
„Но, ако некој се сомнева и има политичка волја бидејќи сепак, на крајот од денот, таа процедура се гласа во парламент, тогаш можеме сега да го направиме бидејќи некој повторно се обидува да ги злоупотребува чувствата на граѓаните со политички пораки, а ова е статистичка операција“,
рече Мицкоски.
За потсетување, Уставниот суд вчера соопшти дека на седницата одржана ден претходно оцениле дека категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ населени од Методологијата за пописот од 2021 година не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.

При разгледувањето и одлучувањето по предметот уставните судии оцениле и дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.
Одлуката на Уставниот суд вчера беше тема и на собраниската седница посветена на пратенички прашања. На неа премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари го изложи предлогот за спроведување вонреден електронски попис догодина.
„Бидејќи Методологијата за пописот е оспорена од Уставниот суд, најбрзо што можеме да направиме е електронски попис според правилата на Еуростат, а тоа се знае како се прави, имаме десетина референтни бази на податоци, тие се вркстуваат, даваат податок и има одредени, да речеме, параметри кои не можат да се добијат преку вкрстување отприлика и тоа е за некаде 10 проценти од населението, и тие теренски се посетуваат. Така функционира според Еуростат и насекаде во Европа. Само кај нас пописот се претвори во политичка алатка иако и тогаш како опозиција, а сега како влада тврдиме дека ова е техничка операција и да не ја поврзуваме со политички работи“,
рече денеска Мицкоски објаснувајќи го вчерашниот предлог од собраниската говорница.
Според Мицкоски, добро е тоа што на претстојните локални избори се намалува бројот на советници бидејќи, како што кажа, се намалуваат и трошоците. Но, од друга страна, загрижен е што се намалува бројот на населението.
Инаку, пратеникот Халил Снопче вчера го праша премиерот дали Владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советници во општините по одлуката на Уставниот суд за укинување на категориите „резидентно“ и „нерезидентно население“ од Методологијата за попис.
Денеска и вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи на прес-конференција рече дека одлуката на Уставниот суд била очекувана и наведе дека пописот од 2021 година бил неуставен и незаконски, поради што треба да се бара одговорност.