„Собрани над 500 потписи за неполн час, иако за иницијативата за референдум се потребни само 100. Благодарам за брзиот одговор и иницијативност. Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет. На потег е Собранието“, соопшти Мицкоски
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнево соопшти дека за неполн час собрале над 500 потписи за иницијативата за одржување референдум на кој граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија.

„Собрани над 500 потписи за неполн час, иако за иницијативата за референдум се потребни само 100. Благодарам за брзиот одговор и иницијативност. Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет. На потег е Собранието“,
соопшти Мицкоски.
Граѓанската иницијатива за собирање на потребните квалификувани потписи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе денеска претпладне во Државната изборна комисија, придружуван од координаторот на пратеничката група на најголемата опозициска партија Никола Мицевски и потпретседателот на партијата Владо Мисајловски.
Референдумското прашање, за кое ќе треба да се изјаснат граѓаните доколку се одржи референдумот, како што соопшти Мицкоски гласи: Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.1.2018 година?
Мицкоски ги повика сите граѓани, доколку се случи, масовно да излезат на референдумот и да гласаат за поништување на Договорот со Бугарија, кој тој го оцени како најголем проблем и кочница во процесот на интеграција на земјава во Европската Унија.
Списокот со квалификуваните потписи потоа треба да оди во Собранието кое треба да одлучува по него, а потоа, доколку биде одобрен, да уследи фазата на собирање 150 000 граѓански потписи за организирање на референдумот, за што рокот е три месеци.
Бидејќи утре е празник, списокот со квалификувани потписи, Мицкоски рече дека ќе биде поднесен во Собранието најдоцна в петок.
Лидерот на опозицијата денеска побара заедно со референдумот да бидат одржани и предвремени парламентарни избори.
