„Државата нема да интервенира во пазарот без причина. Но, државата нема ни да стои настрана ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа“, напиша премиерот на Фејсбук по средбата со претставниците на големите маркети
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево соопшти дека со претставниците на големите маркети заеднички заклучиле дека треба да има фер цени на производите и дека не треба да има ново зголемување.

Средбата се одржа попладнево во Владата, а неа вчера ја најави премиерот кој рече дека целта на состанокот ќе биде на претставниците на синџирите супермаркети да им се укаже да не се користи актуелниот притисок со цената на нафтата за зголемување на цените на производите и со тоа притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните.
Во објавата на Фејсбук, по состанокот, премиерот наведува дека состојбата активно се следи и оти нема се дозволи отстапувања и профитерство.
„Државата нема да интервенира во пазарот без причина. Но, државата нема ни да стои на страна ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа. Со претставниците на маркетите заеднички заклучивме дека треба да има фер цени на производите и дека не треба да има ново зголемување. Продолжуваме да ја следиме состојбата и да интервенираме доколку има потреба за тоа. Најважен е интересот на граѓаните“,
напиша Мицкоски.
Тој пред средбата изјави дека има јасни пораки и аргументи кои ќе ги изнесе на состанокот и оти очекува во актуелната состојба на предизвици, сите да се однесуваат во рамки на она што значи заштита на стандардот на граѓаните, затоа што со тоа, како што кажа, се штити и бизнисот.
„Ќе разговараме отворено, како ние како Влада можеме да им помогнеме за да се одржи ценoвната стабилност, да не дојде до драматично зголемување на инфлацијата, односно трошоците за живот. Очекувам во овие предизвикувачки услови, сите да се однесуваме во рамки на ова што значи заштита на стандардот на граѓаните, затоа што со тоа се штити и бизнисот. Имаме најниска цена на горивата во регионот, нема ценовен шок и снабдувањето со нафта и нафтени деривати не е доведено во прашање. Состојбата во државата е апсолутно нормална, за понатаму ќе видиме“,
кажа Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со странските инвеститори во земјава.
Вчера, исто така одговарајќи на новинарски прашања, премиерот најавувајќи ја средбата рече дека со одржувањето на стабилноста на цените ќе нема потреба Владата да преземе, како што кажа, друг тип офанзивни мерки.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и на големо, и врз основа на нивното однесување така и Владата ќе се однесува. Така што, очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните за и ние како Влада да бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет“,
изјави Мицкоски по увидот во градежни активности во општина Чучер Сандево.
