Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот рече дека институциите преземаат мерки и доставуваат пријави, но обвинителството е тоа кое треба да постапи во врска со случаите на криминал и корупција кои се пријавуваат
Премиерот Христијан Мицкоски не отстапува од идејата за смена на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешниот увид на градежните активностои на патот Климештица – Охрид, Мицкоски рече дека институциите преземаат мерки и доставуваат пријави, но обвинителството е тоа кое треба да постапи во врска со случаите на криминал и корупција кои се пријавуваат.
„Не можете со ова Обвинителство, со овој обвинител да очекувате резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Јас можам да ви набројам можеби 100, 200 пријави кои од страна на институциите се доставени до Обвинителството, а таму нема никаков резултат. Иснтитуциите пријавуваат, но залудно е со овие обвинители. Со овој обвинител тешко“,
изјави Мицкоски прашан дали нешто се презема околу недоследностите кои секојдневно се нотираат во извештаите на Државниот завод за ревизија за функционирањето на јавните институции.
На 1 август годинава премиерот изјави дека со влегувањето во пред(изборниот) период, на Владата ѝ е блокирана можноста за продолжување на постапката за разрешување на републичкиот јавен обвинител.
Собранието на 29 јули изгласа интерпелација за работата на Љупчо Коцевски, а тој изјави дека нема да поднесе оставка од функцијата, туку дека уште повревносно ќе се посвети на работата.