Премиерот ова го кажа прашан за коментар за вчерашната пресуда за докторката Мери Пешевска во предметот „Онкологија“ кој се однесува на несовесно лекување пациенти. Тој не ја коментираше директно пресудата, туку се осврна на неговите општи ставови кон македонското судство и обвинителство, кои, како што рече, досега многупати биле кажани и разговарани
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека не се согласува судиите и обвинителите да земаат повисоки плати, како што предвидуваат реформските закони во правосудството, бидејќи одлуките што ги носат и рејтингот што го имаат, според него, покажуваат дека не ги заслужуваат.

„И секогаш чувствувам некаква мачнина, бидејќи тие сега и овие плати што ги земаат не ги заслужуваат, имајќи предвид вакви судски одлуки за кои вие сега зборувате“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Штип.
Имено, премиерот беше прашан за коментар на вчерашната пресуда за докторката Мери Пешевска за тешки дела против здравјето на луѓето во предметот „Онкологија“, кој се однесува на несовесно лекување пациенти. Пешевска, како второобвинета, по признание на вина, Основниот кривичен суд Скопје вечера ја прогласи за виновна за делото тешки дела против здравјето на луѓето и ѝ изрече условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во наредните пет години таа не стори друго кривично дело.
Мицкоски не ја коментираше директно пресудата, туку се осврна на неговите општи ставови кон македонското судство и обвинителство, кои, како што рече, досега многупати биле кажани и разговарани.
Нив премиерот ги изнесе на брифингот со новинарите во петокот, говорејќи за Реформската агенда која го вклучува и правосудството, а ги повтори и денеска.
Тој наведе дека секогаш кога се зборува за доцнење во процесот на носење закони што значат реформи во судството и обвинителството, јавноста треба да знае дека тие закони, или вкупно шест на број, во суштина се однесуваат на зголемување на средствата што од буџетот треба да се одвојуваат за судството и за обвинителството. Според проектираните реформи, тој процент за судовите треба да биде 0,8 отсто од БДП и 0,5 отсто за обвинителството.
Овие зголемувања на буџетите, според Мицкоски, директно ќе имплицираат зголемување на платите на судиите и обвинителите, кои, како што вели тој, не ги заслужуваат и оние што ги добиваат сега.
„Така што, сакам граѓаните да знаат дека сите оние т.н. експерти кога излегуваат во јавноста и кога ја критикуваат Владата за застој на реформите во обвинителството и во судството, ова е суштинската реформа како да се зголеми буџетот на судовите до 0,8 проценти од БДП, а на обвинителите 0,5 проценти од БДП, што е два до три пати повеќе од некои земји членки на Европската Унија. Не е проблем, ние ќе ги зголемиме и три пати, но да ги заслужат. Јас имам дилема дали и овие плати тие ги заслужуваат коишто сега ги земаат“,
изјави премиерот.
За потсетување, Мицкоски на брифингот во петокот рече дека за Владата, премногу пари се трошат и на нашиот претставник во Европравда (Eurojust), за што намерата им е да го сведат на статус на дипломат на ниво на трет претставник во нашата ЕУ-мисија во Брисел, со што би се намалила платата.
Обвинителката на скопското јавно обвинителство и ексчлен на тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), Ленче Ристоска, во изјава за „Слободен печат“ го демантираше премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека дека никогаш не зела повисока плата од редовната, дека платата не ѝ ја одредува државниот обвинител со Правилник и дека е единствениот обвинител во Европравда кој работи од сопствената држава.
Инаку, за пресудата за Пешевска денеска преку писмено соопштение реагираа од партијата на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ја како скандалозна бидејќи за делото за кое е обвинета е предвидена затворска казна до три години.
За пресудата тие упатија критики до судството како целина, наведувајќи дека тоа уште еднаш покажало дека е „само маша на Венко Филипче и СДС“.

„Ова судство само ја поткопува јавната доверба во правосудниот систем и претставува сериозно кршење на принципите на правдата, еднаквоста и владеењето на правото. Судството, воедно и обвинителството мора да се издигнат и да покажат дека постојат да им служат на граѓаните спроведувајќи закони, а не да служат на другарите на Зоран Заев, сега олицетворени во Филипче и уште неколкумина од раководството“,
рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, образложувајќи ја пресудата вчера, судијката Снежана Марковска, меѓу другото, рече и дека изрекувањето условна осуда не претставува избегнување на казната и дека во конкретниот случај може да се оствари целта на казнувањето.
Марковска додаде дека при одмерувањето на казната судот ги ценел како отежнувачките, така и олеснителните околности и во тој контекст наведе дека со признанието вина обвинетата покажала дека ја прифаќа целата одговорност да се соочи со последиците од стореното.