На ова, како што рече, ќе можат да се посветат откако ќе почнат процесите за изградба на клиничката болница во Штип, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом, потоа болницата во Кичево со проширена дејност и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека локацијата каде што се наоѓа Градската општа болница „8 Септември“, поранешна Воена болница, е најдобра за нов клинички центар, особено поради добрата сообраќајна инфраструктура. Ова тој го кажа давајќи изјава за медиумите откако присуствуваше на настанот на кој се одбележаа 25 години од основањето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Сепак, посочи и дека сега, по завршувањето на локалните избори, се посветени на неколку други инфраструктурни проекти од здравството.
„Она што сега го работиме е продолжување на постапката за изградба на клиничката болница во Штип, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом, потоа болницата во Кичево со проширена дејност и реконструкција на Клиничката болница во Тетово“,
рече тој.
Откако ќе почне тој процес, потоа, како што додаде, ќе можат да се посветат на плановите за изградба на нов клинички центар.
Сепак, смета дека локацијата на ГОБ „8 Септември“ е најсоодветна за тоа.
„Има пристап до гас и исклучително добра сообраќајна инфраструктура. Мислам дека како целина може сериозно да се разгледува со лесна надградба да дојдеме со она што го посакуваме како држава и пациентите што ќе го добијат како квалитет. Сепак, треба да видиме што ќе кажат и експертите. Ова е лично мој став“,
кажа премиерот.
Во однос на финансиската конструкција, посочи дека треба да се види колку би се интервенирало во надградба, во модернизација и во број на кревети.
„Ајде, да дојде до таа фаза, па ќе споделуваме повеќе информации со јавноста“,
Инаку, ваквата опција Мицкоски ја истакна и за време на посетата на Градската општа болница „8 Септември“ кон крајот на октомври годинава.
Министерот за здравство Азер Алиу, пак, пред неколку дена соопшти дека се разгледуваат три можни опции за новиот клинички центар, кој е окарактеризиран како еден од клучните проекти во првата фаза од здравствената реформа.
Првата е за реконструкција и модернизација на веќе постоечкиот клинички кампус, втората е изградба на сосема нов клинички центар на нова локација, а третата е префрлање на целиот комплекс на просторот кај ГОБ „8 Септември“.