Премиерот додава дека Карпалак се памети како обврска за градење држава во која, како што вели, нема да има место за омраза, поделби, неправди, држава каде што слободата на државата е неприкосновена
Слава за хероите од Карпалак. Нивното дело и пожртвуваноста се паметат, нивната храброст и одлучност се почитуваат – порача премиерот Христијан Мицкоски во објава на својот фејсбук-профил по повод одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на десетте армиски резервисти кај месноста Карпалак.

Премиерот додава дека Карпалак се памети како обврска за градење држава во која, како што вели, нема да има место за омраза, поделби, неправди, држава каде што слободата на државата е неприкосновена.
„Нека нивната жртва биде аманет за идните генерации дека слободата, мирот и достоинството се свети. Македонија никогаш нема да ве заборави! Карпалак е рана, но и аманет“,
пишува Мицкоски во објавата на Фејсбук.
Претходно денеска делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата положи свежо цвеќе на спомен-обележјето на македонските бранителите кои загинаа кај месноста Карпалак во 2001 година.
Пред спомен-обележјето почит оддадоа и делегации на Владата предводена од вицепремиерот за политички систем Љупчо Димовски, од кабинетот на претседателката на државата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.