Премиерот кажа и дека прашањето за блокадата на земјава во евроинтеграциите ќе се покрене и на Самитот на НАТО што денеска и утре се одржува во Хаг, како и на сите други сесии на Алијансата, а прашањето на кое ќе се бара одговор, како што рече, е: „Дали некоја земја членка во НАТО-алијансата попречува некоја друга во интеграцијата и со тоа ја нарушува безбедноста во регионот“
Одговарајќи на прашање, премиерот негираше дека амандманот за ставање на придавката „модерен“ пред македонски јазик бил предложен само од пратеници на Европската народна партија (ЕПП), чиј придружен член според политичката идеологија е и ВМРО-ДПМНЕ, туку дека дошол како здружен предлог на пратеници од четири групи во Европскиот парламент – Европската народна партија, Социјалдемократите, Либералите и Зелените
Добро е што ја поминавме оваа прва пречка во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), не знам дали ќе успееме и на пленарната седница на парламентот за две недели, но ќе се бориме. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање во врска со Извештајот за напредокот на земјава подготвен од известувачот на С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во кој имаше неколку референции кои се однесуваа на македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

Извештајот беше усвоен со мнозинство од 40 гласа, 19 европратеници гласаа „против“ и 10 беа воздржани, а документот беше изгласан без во него да биде вметната додавката „модерен“ пред македонски јазик.
„Многу внимателно се однесувавме во целиот овој период. Сега нема ништо да зборувам за тоа што се случуваше, но многу скоро до денеска ќе зборувам јасно, гласно и отворено. Но, знам дека беше жестока борба за да се помине оваа т.н. прва пречка којашто не би требала да постои ако ги слушате пораките од некои политичари кои доаѓаат од Брисел дека идентитетот никогаш не бил предмет на договори и разговори, дека никогаш јазикот не бил предмет на договори и разговори, дека тој бил бетониран, запечатен, затворена тема. Видовме дека не е така“,
рече Мицкоски.
Инаку, прашањето на кое одговараше премиерот беше дали и колку очекува овој извештај да опстои и на гласањето на пленарното заседание на Европскиот парламент закажано за од 7 до 11 јули со оглед на најавите дека ќе бидат поднесени амандмани за кои имало поддршка од најголемите политички групации во Европскиот парламент.
Во оваа насока Мицкоски наведе дека ќе има амандмани кои можеби ќе бидат поддржани од поедини групи во ЕП, но посочи дека она што важно е дека целата македонска и европска јавност виделе дека не станува збор за вметнување на, како што кажа, неколку стотини Бугари во Уставот на земјава, туку дека се работи за подлабока болка.
„Македонската и европска јавност видоа дека не е така. Дека во 21 век во Европа ние сè уште се бориме за идентитетски прашања, за нашиот мајчин јазик итн. Но, добро е тоа што ја поминавме оваа прва фаза на Комисијата за надворешна политика на ЕП или позната како АФЕТ, убедливо беше гласањето 40 наспроти 19 и 10 беа воздржани и во следниот период очекуваме да се најде на пленарна седница меѓу 7 и 11 јули. Да, ќе има амандмани, и да, повторно можеби поедини групи во парламентот ќе поддржат одредени амандмани, такви се процедурите, вие не можете да им забраните, но важно е дека сите вие видовте дека не станува збор за неколку стотини Бугари во Устав, дека подлабока е болката, дека е децениска, дека е вековна. Ние ќе бориме, дали ќе успееме, не знам. Во прв чекор успеавме, не знам дали ќе успееме, но граѓаните видоа со што се соочуваме и која е главната тема. Тоа беше суштината“,
изјави премиерот на денешната заедничка прес-конференција со првиот вицепремиер Изет Меџити на која информираа дека Владата го усвоила Предлог-законот за правична застапеност.

Одговарајќи на прашање, премиерот негираше дека амандманот за ставање на придавката „модерен“ пред македонски јазик бил предложен само од пратеници на Европската народна партија (ЕПП), чиј придружен член според политичката идеологија е и ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е точно. Беа предложени од четири. Тоа беше здружен предлог на четири групи во Европскиот парламент – Европската народна партија, Социјалдемократите, Либералите на Ринју и Зелените затоа што во меѓусебна координација пред состанокот се договориле. Затоа не сакам премногу сега да зборувам додека не се заврши работата. Ги знам сите детали“,
изјави Мицкоски.
На дополнително прашање дали како членка на Европската народна партија знаеле или имале информација дека некој од ЕПП ќе бара пред македонски јазик да стои таа додавката „модерен“, Мицкоски рече дека нормално е дека очекувале, наведувајќи притоа дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев е дел од Европската народна партија.
„Логично е дека сме очекувале. Како беше гласањето 15 спрема 3 и двајца воздржани. Петнаесет пратеници од Европската народна партија без за извештајот на Вајц, вклучително и претседавачот на Комитетот г. (Дејвид) Мекалистер, тројца беа против и двајца беа воздржани, тоа беа грчките пратеници. Така што ова беше гласањето во рамките на ЕНП, инаку ги имаме сите точно по име и по презиме и знаеме точно како се гласало и што се гласало, и што поминавме и што разговараме и што се случуваше изминативе неколку недели“,
кажа Мицкоски.
Тој кажа дека сега ова прашање сега ќе се покрене и на Самитот на НАТО што денеска и утре се одржува во Хаг, како и на сите други сесии на Алијансата.
„Дали некоја земја членка во НАТО-алијансата попречува некоја друга во интеграцијата и со тоа ја нарушува безбедноста во регионот? И тоа прашање треба да се одговори“,
кажа Мицкоски.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Гласањето за Извештајот во АФЕТ заврши со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“.
Преговорите беа тешки и долги, но имаме јасно мнозинство што зборува само за себе, изјави за „360 степени“ известувачот за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, откако денеска во Комитетот за надворешни работи помина Извештајот за Северна Македонија, со неколку референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет.