Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници, се поставува прашањето дали воопшто вреди човек тука да се занимава со политика додека постои власта на Заев, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски рече и дека неопходни се брзи предвремени парламентарни избори за излез од политичката и според него, безбедносната криза поради состојбата во енергетиката
Седницата за гласање недоверба за Владата трае до полноќ и чекаме да се појави пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, порача попладнево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Седницата е до 12 чекаме да се појави пратеникот. Дали е жив здрав и каде се наоѓа. Освен порака на социјалните медиуми не знаеме што се случува, каде и дали е доброволно таму. Пратеници туку-така не исчезнуваат во тие заедници кои тој ги наведе во својот статус како САД и ЕУ. Претседателот на државата, којшто е најодговорен во вакви ситуации заедно со претседателот на Владата немаат одговор каде е и дали е киднапиран и се држи без согласност или доброволно. Не знам ако беше доброволно зошто не се појави тука и да си гласа ‘против’. Ќе го спасевме народот од ваков срам. Вака се отвора простор за многу шпекулации и за многу изјави од различни извори, но јасно е дека власта се прпелка во живата кал и ова е срам за демократијата“,
рече Мицкоски.
Тој порача дека за ваквиот развој на настаните се шпекулирало уште од вчера и дека за ВМРО-ДПМНЕ ова било очекувано.
„Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници се поставува прашањето дали воопшто вреди човек тука да се занимава со политика додека постои власта на Заев. Ако се потврди дека е држен против негова волја тоа предизвикува силно чувство на гадење“,
рече Мицкоски.
На прашањето, што ако не се појави Реџепи и дали опозицијата ќе се обиде на друг начин да обезбеди мнозинство за гласање на недоверба на Владата, Мицкоски рече:
„Немам методи какви што има власта да држам во заложништво пратеници или луѓе, ако е тоа точно. Не знам дали е точно. Ниту на памет ми паѓа на тој начин да преговаравам“,
рече Мицкоски.
Ако не се појави до вечер, одговор, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, треба да даде МВР. Тука тој уште еднаш повтори дека ако вака се практикува политика, ќе се замисли дали воопшто треба да се занимава со неа.
„Ако не се појави, одговор треба да даде МВР. Јас како што знам Билал Касами даде една изјава, рече дека пријавил, така што да видиме што ќе се случи. Повторно ќе кажам, ова се методи налик на оние од 16. и 17. век и предизвикаа едно големо чувство на гадење лично кај мене и ако вака се практикува политиката во Македонија сериозно ќе се замислам дали вреди да пратицирам во политиката“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече и дека неопходни се брзи предвремени парламентарни избори за излез од кризата.
„Мислам дека тоа треба да биде заедничка опција, бидејќи колку подолго оваа влада и коалиција е таму каде што е толку Македонија повеќе ќе тоне и ќе биде полошо за народот така што не само што мислам туку и кажувам дека брзи предвремени парламентарни кризи се решение да излеземе од оваа политичка и безбедносна криза. Кога некој ми вели зошто велиш безбедносна, затоа што ова е енергетска криза која удира на безбедноста на државата, а тој што е најповикан за безбедноста – претседателот на државата, го нема да бекне и да гукне, кажува како 2-3 минути има тик-ток состанок со господинот Бајден. Не знам што да кажам друго, не сум револтиран туку некако навистина чувствувам едно жалење затоа што нивото до толку се спушти што кредибилитетот на човекот, пратеникот угледот на оваа институција се на најниски можни гранки од постоењето на демократијата во светот“,
изјави Мицкоски.
Тој го коментираше и кредибилитетот на Владата за којшто рече дека одамна е паднат.
„Тој е одамна паднат. После овие избори е јасно дека СДСМ го има изгубено и кредибилитетот и легитимитетот кај народот. Жалам што народот е сведок на овој циркус што денеска се случува и жалам што до толку го девалвираа институтот пратеник и македонски парламент што се срамам што воопшто во овој период сум дел од ова политичко мочуриште заради овие луѓе кои бидејќи немаат што да прават во животот и длабоко се навлезени во криминал и корупција, со нокти гребат само да останат таму каде што се неводејќи сметка за елементарното човечко достоинство и угледот на оваа институција што е зад мене. Имаат тие и други методи, не ме чуди да направат мнозинство кое ќе биде поголемо од ова така што методите на СДСМ и ДУИ се познати, ќе ги видите и деновите. Што и да коментирам повеќе ќе биде надвор од вкусното“,
изјави Мицкоски.