Како што информираат од Владата, премиерот им честитал за борбеноста, пожртвуваноста и претставувањето на Македонија на ова престижно натпреварување
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, денеска ги прими македонските ракометни репрезентативци кои настапија на Светското првенство во ракомет што се одржа во Република Хрватска.
Како што информираат од Владата, премиерот им честитал за борбеноста, пожртвуваноста и претставувањето на Македонија на ова престижно натпреварување.
„Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“,
посочил Мицкоски на средбата.

За таа цел, Владата донела одлука да додели премија на ракометарите во висина од 3 милиони денари, „како резултат на достоинственото претставување и пожртвуваноста на македонските спортисти во Хрватска“.
„Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината“,
истакнал пред ракометарите премиерот Мицкоски, соопштија од Владата.