Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ова го изјави откако вчера на седницата за пратенички прашања во Собранието премиерот Димитар Ковачевски доби прашање дали како родител е подготвен, со законот за амнестија, да ги амнестира и помагателите во убиството кај Смилковското Езеро. Ковачевски на ова одговори дека доколку законот за амнестија ги опфаќа и осудените во овој случај, тогаш пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој истите ќе бидат исклучени од можноста за амнестија
Се надевам дека премиерот Димитар Ковачевски не е турист на седниците на Владата кога се носат закони како законот за амнестија. Ова по денешната посета на општина Гази Баба го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан како ја коментира најавата на Ковачевски оти пратениците на СДСМ ќе поднесат амандман ако законот за амнестија ги опфаќа и осудените од „Монструм“ за убиството кај Смилковското Езеро.

„Се надевам дека Ковачевски не е турист на владините седници и кога ќе дојдат предлог-текстовите на законите, добива детална информација за нивната содржина, а посебно за вакви, би рекол, многу специфични закони и самиот ги чита. Доколку не го прави тоа, тогаш треба час поскоро да си замине од местото кое што во моментов го зазема, затоа што не е достоен за тоа место“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски ова го изјави откако вчера на седницата за пратенички прашања во Собранието премиерот Димитар Ковачевски доби прашање од пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ дали како родител е подготвен, со законот за амнестија, да ги амнестира и помагателите во убиството кај Смилковското Езеро.
Ковачевски, пак, на ова одговори дека доколку законот за амнестија ги опфаќа и осудените во овој случај, тогаш веднаш штом законското решение влезе во парламентот, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој истите ќе бидат исклучени од можноста за амнестија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција дополнително кажа дека иако предлог-законот сè уште не е влезен во собраниска процедура, веќе се зборува за амандмани кои доаѓаат од самата влада.
„Па што правеле, се поставува прашањето, сите тие на таа владина седница кога се разгледувал овој закон“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во два наврати најави дека неговата партија нема да го поддржи и со амандмани ќе го блокира предложениот закон за амнестија бидејќи, како што рече, со законот власта ќе го исполни ветувањето кое им го дала на криминалците, а тие потоа ќе ѝ прават проблем на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог-законот за амнестија вчера беше главна тема на брифингот кој министерот за правда Кренар Лога го одржа со новинарите. Кажа дека станува збор за истиот закон за амнестија од 2018 година, што го поддржа и ВМРО-ДПМНЕ, а оти во законското решение има мали измени со кои се изземаат одредени кривични дела за кои нема да важи амнестијата.
