Тие, ако имаа 80 пратеници, тие и досега ќе ги ставеа уставните измени во парламентот. Нивната цел не е овој процес да го завршат, нивната цел е да го растегнат овој процес, вели Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се надева на предвремени парламентарни избори наесен. Во денешното интервју за „Тера“, тој вели дека уставните измени нема да поминат, а есенски избори се единствено решение. Според него, стратегија на власта не се уставните измени, туку, како што вели тој, „да го истуркаат мандатот и уште неколку месеци да останат на власт за да поделат уште неколку тендери во четири очи“.
„Се надевам дека ќе има наесен предвремени парламентарни избори, сепак ние не сме мнозинство во парламентот, уставните измени секако нема да поминат, бидејќи тие ако имаа 80 пратеници, тие и досега ќе ги ставеа уставните измени во парламентот. Нивната цел не е овој процес да го завршат, нивната цел е да го растегнат овој процес затоа што секој еден ден дополнително надеж, во јавноста, некоја глупава изјава како што беше онаа на Пендаровски, ‘ако не овој август, тогаш следниот септември’, тоа значи уште некој ден повеќе за крадење и тендери во четири очи, тоа е нивната стратегија. Не е нивната стратегија дека тие веруваат во некои европски вредности, зошто ако вие верувате во европски вредности, тогаш не може да делувате неевропски и да се занимавате со политички криминал и корупција. Нивната борба не е да поминат уставните измени, нивната борба, нивната борба е да помине надежта дека некогаш ќе има некакви уставни измени, за да може да си го истуркаат мандатот до таму некаде, пролет, март, април и уште неколку месеци да останат таму каде што се, уште неколку тендери да си поделат во четири очи, и тоа е нивната политичка филозофија“,
вели Мицкоски.
Инаку, уставните измени денеска добија зелено светло од матичната собраниска комисија. Сега предлогот ќе оди на пленарна седница, која е закажана за 18 август. Тогаш ќе биде потребно двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа) за да се усвои потребата од носење уставни измени и процедурата да продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани.
Во предлог-иницијативата што ја усвои Владата, а денеска помина на собраниска комисија, се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Покрај ова, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите, и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието – Македонци и Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.