Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска практично побара соседна Бугарија да ја измени или отповика декларацијата на тамошниот парламент во однос на позициите во преговорите со Северна Македонија. Во интервју за ТВ Алфа, шефот на партијата која победи на последни локални избори и сега бара предвремени парламентарни, кажа дека не постои политичар во земјава кој би прифатил резолуцијата да биде дел од преговарачката рамка или дел од преговорите меѓу двете држави. Секако, додаде дека тој лично нема намера да преговара со соседна Бугарија кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, ако сепак се случи декларацијата на бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка
Во 45 минутното интервју, Мицкоски на неколку места го споделуваше својот став за преговорите со Бугарија. Едниот беше кога доби прашање за неговото очекување за евроинтегративнито процес.

„Не очекувам нешто драматично да се смени бидејќи длабоко сум убеден дека не постои 5+1, 3-2, 8+6 планови или како сакате нека ги нарекуваат. Постои резолуција на бугарскиот парламент. Се додека таа резолуција постои, нема политичар, верувајте треба да сме искрени со граѓаните, јас нема да бидам ниту Бујар Османи ниту Зоран Заев ниту Ковачевски, постои резолуција на бугарскиот парламент. Во таа резолуција има точки кои се неприфатливи за нас и како народ и дури и за политичари како Зоран Заев се неприфатливи. Затоа што претставува сериозна негаторска и асимилаторска таа резолуција. Се додека таа резолуција постои, договор нема. Што би се рекло дека ќе имаме закочен евроинтегративен процес“
изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во друг дел од интервјуто, Мицкоски кажа дека не препознава обиди на новиот бугарски премиер и неговиот кабинет да се одалечат од резолуцијата, која, повтори, е „суштинскиот документ“ во процесот.
„Суштинскиот документ е резолуцијата во бугарскиот парламент кој потоа е потврден и од самата бугарска Влада, во која се негира македонскиот јазик, се негира македонскиот идентитет, антропологијата на македонскиот народ, култура, посебности итн. Сето ова претставува сериозен проблем да има било каков напредок поврзан со преговорите со нашиот источен сосед додека тие инсистираат на овие атрибути. Впрочем и новиот мандатар Петков, сега веќе претседател на владата, јасно кажа дека историските дилеми или проблеми остануваат и нивните позиции национални ќе бидат само надградени и проширени. Самото тоа говори, ќе се сложите, говори дека не само што немаат намера да отстапат од тие нивни барања туку дополнително се закопуваат во ров“,
изјави Мицкоси.
Така, евентуално поместување во преговорите меѓу двете земји а со тоа и во евроинтегративниот процес, Мицкоски гледа само ако соседна Бугарија ја измени или повлече резолуцијата.
„Првиот момент кога таа резолуција ќе биде повлечена или замената со некоја друга тогаш ние може да имаме договор. Во спротивно, ако направат таков будалест чекор, да ја прифатат таа резолуција да биде дел од евентуален договор или да биде дел од евентуална преговарачка рамка, тоа ќе биде конечна асимилација или комплетно блокирање на евроинтергративните процеси бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да преговара за резолуцијата на бугарскиот парламент доколку таа е дел од преговарачката рамка. И треба тоа да ни е јасно на сите. Нема намера ВМРО-ДПМНЕ, како идна влада, ниту една точка, запирка, повеќе да смени во македонскиот идентитет. Каква сака нека е таа норма, под каков сака притисок нека е, ВМРО-ДПМНЕ нема ниту милиметар да дозволи да се чепка повеќе македонскиот национален идентитет“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски не даде конкретен став за барањето за впишување на Бугарите во македонскиот Устав, но го коментираше претседателот на Бугарија, Румен Радев. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на источнит сосед јасно ставил до знаење дека впишувањето на Бугарите во Уставот е само едно од повеќе барања.