Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, вечерва, под слоганот „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, одржа предизборни митинзи во Крива Паланка и Пробиштип
Крива Паланка заслужува промени затоа што на овие избори се одлучува за иднината на вашата општина и добро се знае дека СДСМ не е никаква алтернатива, туку партијата која е длабоко заглавена во бизнис спрегите на тие што ја водат, порача на вечерашниот митинг во рамки на кампањата за претстојните локални избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски за лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека се однесува како да е нов во политиката и оти заборавил дека бил главна перјаница заедно со неговиот, како што рече, ментор и гуру, Зоран Заев во претходните влади на СДСМ кога се ограбувала и уништувала Македонија.
„Сега дошол овде и ни кажува како тој ја доживува реалноста. Не сфаќам како може човек без образ да зборува и да се прави дека е некој друг. Тоа во медицината го викаат патологија. Патологија својствена за еден човек што ставаше рака на срце кога се колнеше во македонската жица. Но, очигледно, тоа било заразно, па тој вирус денес го има фатено и овој нов претседател на СДСМ, Венко Филипче. Вирусот започнува со чувство на самодоверба. Расте, расте … додека не прерасне во чувство на божественост. Следниот симптом – раката на срце! Човекот што го има вирусот, инстинктивно, што и да зборува, ја става раката на срце и се колне. Понекогаш звучи чудно, невообичаено, дури и непотребно … Но, симптомот е таков“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека Филипче имал шанса да направи нешто, но ја прокоцкал.
„Заборава дека имал шанса да направи нешто. И не само што ја прокоцкал, туку е директно виновен. За трагедии. За корупција. За предавства. За срам, којшто и го нанел на својата држава“,
истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Крива Паланка.
Тој претходно на митинг во Пробиштип порача дека на овие избори граѓаните не бираат само градоначалник, туку одлучуваат каде ќе се движи Македонија како држава. Мицкоски се осврна на, како што рече, неформалната коалиција за локалните избори составена од СДСМ, ДУИ и Левица, „кои се обединети од желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ“. Според него, на овие локални избори овој опозициски блок настапува со црна кампања, а не нудат никакви проекти, никаква визија ниту стратегија.
„Кога зборувам за нашите противници зборувам за една непринципиелна коалиција, која што е составена од во суштина три политички партии, која што се обединила поради две главни причини, првата е желбата за власт, по било која цена. И втората е, патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата на СДСМ, на ДУИ и политичката партија Левица. На некои места, оваа коалиција е формална, на некои полуформална, но во суштина, тоа е тој опозициски блок, кој што на овие избори излегува тотално без никаква програма“,
изјави Мицкоски.
Според него, СДСМ за претстојните локални избори не нуди ниту проекти, ниту визија, туку само се фокусира на црна кампања уште од првиот ден.
„Од првиот ден, заклучно со денеска, ние не слушнавме ниту еден проект, не слушнавме никаква визија, никаква стратегија, од нив не слушнавме како планираат и каде планираат да ја водат Македонија. Од нив слушнавме само три, условно кажани, политички пораки во оваа кампања. Првата е, црната кампања која што ја водат од првиот ден, па се до ден денес. Против мене се разбира најмногу и против ВМРО-ДПМНЕ. Втората политичка порака која што ја испратија е дека тие се политички наследници и претставуваат континуитет на тоа што претставуваше влада седум години во Македонија, коалиција СДСМ-ДУИ. Третата политичката порака е дека тие се грижеле и се бореле за нашиот дом“,
истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека за разлика од опозицијата, ВМРО ДПМНЕ нема емитувано ниту еден негативен спот, иако имало многу причини да се потсетат граѓаните на неуспесите на претходната Влада, и дека ВМРО-ДПМНЕ избрала позитивна кампања фокусирана на проекти и на иднината.