Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека информациите што ги имаат говорат за драматичен пад на поддршката што нивниот политички опонент, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ја има меѓу граѓаните

Не гледам конструктивност од страна на СДСМ во однос на процесот на евроинтеграции на земјава, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Според него, поради едноцифрениот рејтинг што сега го има најголемата опозициска партија постои сериозна опасност таа да престане да постои по локалните избори што треба да се одржат во октомври.
„Гледате дека градиме, се бориме низ цел свет, а тој (Венко Филипче) со една изјава вика јас сè прифаќам, сè што ќе ми ставите на маса дајте да потпишам, само вратете ме на власт да бидам премиер. Тоа не е конструктивност, тоа е рушење и затоа имаат едноцифрен рејтинг и мислам дека по локалните избори постои сериозна опасност дали таа политичка партија ќе продолжи да постои“,
изјави Мицкоски кој присуствуваше на отворање на комплексот „Македонско село“.
Во врска со изјавите дека Филипче по примерот на Зоран Заев, кодоши и ги поткопува државните интереси, Мицкоски истакна дека смета оти не треба подетално да навлегува во анализа каде го забележува предавничкиот, поданички и кодошки однос.
„Мислам дека јавноста тоа го гледа јасно, не би одел чекор повеќе, тоа е позната стратегегија на СДСМ, тие мислат дека на таков начин повторно ќе добијат шанса да ја водат владата, но мислам дека прават стратешка погрешна комуникација, но тоа е нивна работа, нема да навлегувам во сето тоа, а што се однесува до неговите изјави за автократија во политиката кога испраќате порака, ако таа порака не ја чувствуваат мнозинството граѓани тогаш таа порака за бадијала ја испраќате. Јас досега такво нешто немам ниту слушнато, ниту почувствувано, ниту имам намера така да се однесувам“,
нагласи Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека информациите што ги имаат говорат за драматичен пад на поддршката што нивниот политички опонент, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја има меѓу граѓаните.
Филипче, на состанок со членовите на градската организација на партијата во Скопје, на кој критикувајќи ги локалните и централните политики на владејачката партија, рекол дека ВМРО-ДПМНЕ досега изгубила 100 000 гласа од оние што ги имала на ланските парламентарни и претседателски избори.
„Нашите информации се дека ВМРО-ДПМНЕ има изгубено 100 илјади гласови досега. Таков пад на гласовите, таков дебакл досега во историјата на државата за толку кратко време едноставно не се случил“,
рекол Филипче, информираа од СДСМ.