„Ако навистина сакаш правда, биди маж. Кажи дека секој ќе одговара, и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз од партиската трибина во рамките на кампањата за локалните избори
Мицкоски не сака независно, туку свое судство и обвинители кои не работат по закон туку по „тефтерчињата во Белата палата“, рече претседателот на опозицискиот СДСМ од вечерашната предизборна трибина на партијата во Кавадарци.

„Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека, ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон?“,
рече Филипче.
Тој го повика лидерот на владејачката партија и премиер на државата, Христијан Мицкоски, да ги направи реформите во правосудството, порачувајќи дека за тоа ја има поддршката од Социјалдемократскиот сојуз.
„Ако навистина сакаш правда, биди маж. Кажи дека секој ќе одговара, и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка“,
рече Филипче.
На трибината во Кавадарци тој рече дека тиквешијата страдаат од оваа власт и дека во изминатата година секторот земјоделие бил урнат.
„СДСМ во земјоделството имаше чесни, искрени политики. Не е патриот овој кој дозволува 11 илјади семејства што живеат од лозарство, да бидат понижени“,
рече Филипче.
Според лидерот на социјалдемократите, за оваа власт малиот земјоделец не постои, туку постојат само фаворизирани фирми, блиски луѓе и интереси, додавајќи дека не се само лозарите тие коишто се оштетени.
„Додека се кријат зад празни зборови, економијата пропаѓа. Колку компании од Тиквешијата, а ги има многу тука, уште немаат добиено поврат на ДДВ? Стотици. Пари со кои треба да вложат, да платат вработени и да се грижат за луѓето“,
кажа Филипче.
Граѓаните, додаде тој, чувствуваат дека стандардот паѓа секој ден, платите стојат, цените растат, а власта зборува за „успеси”.
„Денес имаме нов ‘успех’. Замислете, владата решила да ги оданочува пратките од странство, оние до 20 евра. Она што луѓето можеа евтино да си го купат на интернет, веќе нема да биде евтино. Во држава во која 40% е сива економија, во која се соголува народот со даноци за кои граѓаните не ги добиваат соодветните услуги, сега се воведува нов данок на евтини производи од интернет. Ова било приоритет за Владата“,
рече Филипче.
Носителот на листата за советници на СДСМ, Вуко Мелов рече дека како млад човек решил да остане во Кавадарци и да се залага за подобра иднина. Тој истакна дека и во Совет во заминување, како советници на СДСМ, се залагале за доброто на кавадарчани и против лошите политики. Мелов подвлече дека имаат проекти од витален интерес на населението и за достоинствен живот.
„Кавадарци мора да стане чист и зелен град. Град што не се гуши во бетон, туку се развива со план, визија и љубов“,
порача тој.

Мелов најави намалување на комунални услуги за сите, бесплатна градинка за деца од семејства со ниски приходи, ослободување од комуналии за куќи на млади и слично.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Кавадарци, Виктор Велевски рече дека дефиниција за припадност на овој град значи бескомпромисно да се бориш за правда, слобода и еднаквост.
„Нашата борба е рамо до рамо со работникот, земјоделецот, обесправените и социјално угнетените“,
порача тој, најавувајќи зелен прстен околу Кавадарци, гасификација, пречистителна станица и други проекти.
На трибината беа претставени кандидатите за советници и беше побарана поддршка за локалните избори на 19 октомври. Пред трибината, беше оддадено едноминутно молчење за Панчо Минов, кавадарчанец што во два мандата беше градоначалник и во четири, пратеник во парламентот.
Социјалдемократите вечерва одржаа и трибина во Неготино, на која лидерот на партијата, Венко Филипче се осврна на на здравствениот систем во градот за кој рече дека е запуштен поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот градоначалник стојат неми пред уште една голема неправда, уништување на здравствениот систем во Неготино. Наместо да ја подобрат здравствената заштита, тие подготвуваат нов удар врз граѓаните припојување на ЈЗУ „Здравствен дом“ Неготино кон Општата болница во Кавадарци. Денес, наместо 24-часовна услуга и достапна нега, приправноста во лабораторијата и рендгенот е укината, па граѓаните на Неготино и Демир Капија за секој банален преглед мора да патуваат до Кавадарци или во некој друг град. Тоа е срамно, тоа е понижување за целиот регион и тоа е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ја води државата со рамнодушност, небрежност и презир кон обичниот човек“,
рече Филипче.