„На 8 мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезеноста“, рече Мицкоски од Тетово

Имам против оние кои го крадат народот, а немам против ниту еден народ. Имам против оние кои ја ограбија Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Тетово во рамки на парламентарната кампања „Македонија повторно твоја! Промените во твои раце“.
Според Мицкоски, сега државата е управувана од стотина луѓе кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат, порачувајќи дека „колку повеќе зборат за права и за положбата на Албанците, толку овие неколкумина од раководството на ДУИ крадат“.
„Секое мое кажување на вистината тие го извртуваат како напад врз Албанците. Артан, Бујар и Талат се власт во Македонија затоа што СДСМ одбраа да бидат измеќари на овие тројца и на тој начин одржуваат власт плаќајќи скапа цена“,
рече Мицкоски од Тетово.
Денес, како што рече Мицкоски, Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат.
„Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“,
рече тој.
Мицкоски осврнувајќи се на состојбата во Тетово, рече дека за бадијала е метафора и удирање во гради кога народот е гладен и незадоволен.
„Што направи ДУИ после 20 години власт. Видете ги условите за живот во тетовски села“,
додаде Мицкоски.
Тој најави дека по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија„
„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри. Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи“,
додаде Мицкоски.
Мицкоски рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери.
„Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи. За да се случи ова што ви го зборувам, на 8 мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезеноста“,
додаде Мицкоски.
Носителката на кандидатската листа со пратеници Дафина Стојаноска од Тетово посочи дека народот на ДУИ и СДСМ им порачува дека им е преку глава од нивниот криминал.
„На Стево и на Таче им се случи народ. Им се случи казна за нивната неработа и за нивното молчење пред криминалите на Али и Артан Груби. Затоа, од срце му честитам на Тетово за победата на 24 април и сум убедена дека на 8 мај ќе се случи уште повеќе народ и уште поголема победа за ВМРО-ДПМНЕ за коалицијата ‘Твоја Македонија’ и за професорката Гордана Силјановска-Давкова“,
рече Стојаноска.
Таа истакна дека СДС и ДУИ седум години наназад имале слух само за себе и за своите и никогаш не го слушале народот, кој потоа излезе да ги казни.