Мицкоски во говорот по неговиот резибор, се осврна и на спорот со Бугарија. Имаме отворено прашање со нашиот источен сосед, но се чини дека нема соговорник од другата страна, кажа Мицкоски. Тој вели дека нема намера да отстапи ниту милиметар од позициите, но од друга страна пак, посочи дека е подготвен за разговори, но единствено во присуство на евродипломати, во Брисел

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот партискиот конгрес во Кавадарци едногласно беше реизбран за партиски лидер. Од присутни 817 делегати, гласале 804 и сите гласови биле „за“ Мицкоски, кој беше единствен кандидат.
Мицкоски по реизборот истакна дека ќе работи да создаде систем кој ќе трае и порача дека во следните шест месеци ќе има структурни репозиционирања и кадровски освежувања од Извршниот комитет па сè до општинските и месните комитети на партијата.
„Кој мисли дека претседател на ВМРО-ДПМНЕ се станува лесно – се излажал. Кој мисли дека функцијата се наследува заради блискост или по случаен пат, со плетење мрежи и со неконзистентност – погрешил. Кој мисли дека довчерашните субјективни заслуги ќе му донесат утрешна награда – не ја разбрал оваа партија. Мојот наследник на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде човек што само победува во анкети, или што знае да аплаудира. Тоа ќе биде човек со ’рбет, со интегритет, со дисциплина и фокус. Ќе биде човек што знае да ја носи тежината на државата. Што знае да издржи. Што знае да прости. Што знае да биде чесен и кога боли и кога сите се откажуваат од него затоа што во моментот им е така опортуно да прават. Наследникот мора да биде човек што ќе знае дека партијата е поголема од него, а не човек што мисли дека е поголем од партијата. Мојот наследник ќе мора да го носи овој товар со истиот мир што го носам и јас денес. Ќе мора да биде човек што може да ја води државата, а не човек што ќе ужива во раскошот на функцијата заслепен од своето его. Ќе мора да биде повикан од зрелост, а не од суетата“,
кажа тој.

Тој се осврна и на спорот со Бугарија. Имаме отворено прашање со нашиот источен сосед, но се чини дека нема соговорник од другата страна, кажа Мицкоски. Тој вели дека нема намера да отстапи ниту милиметар од позициите во однос на спорот, но од друга страна пак, посочи дека е подготвен за разговори, но единствено во присуство на евродипломати, во Брисел.
„Додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да се поместам ниту еден милиметар од оваа позиција. Подготвени сме да разговараме, свесни сме за капитулациите и предавството на најкриминалната влада во историјата на независна Македонија предводена од СДСМ И ДУИ, свесни сме за историската штета што ја нанесоа, не го игнорираме сето тоа. Подготвени сме да разговараме, но прво нека се одлучат какви разговори сакаат да имаме, билатерални или разговори со Брисел? Ако се билатерални, тогаш се потврдува нашата теза дека ова е билатеризација на нашиот европски пат. Ако сакаат да разговараме во Брисел, во присуство на евродипломатите, подготвени сме да заминеме уште утре и да ги презентираме нашите аргументи. Нема поместување ниту милиметар сè до моментот додека не биде испочитувана ниту последната буква и последниот интерпукциски знак од договорите и меѓународното право и она што им припаѓа на Македонците од другата страна на границата во Пиринска Македонија. А тоа е, ни помалку – ни повеќе, доследна примена на сите досегашни пресуди на Судот за човекови права во Стразбур во својство и во насока на исполнување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед. И второ, ако навистина никој нема проблем со нашата вековна идентитетска константа и нашиот мајчин македонски јазик и дека нема повеќе да има билатерални вета, тогаш најмалку што заслужува е граѓаните на оваа земја е нови заклучува од страна на Европскиот совет. Ова се двата столба за кои што сме подготвени да разговараме“,
рече Мицкоски.

Мицкоски застана на челната позиција во партијата во 2017 година, по Никола Груевски. Ова е негов трет и според партискиот Статут, последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
На конгресот, кој се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени два политички документа Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.
