Тој, потсетувајќи на изјавите од СДСМ во текот на минатите месеци – банкротирање, мигранти, блокирање на ИПАРД-фондови, изјавата на Вајц, рече дека секоја прес-конференција и секоја изјава што доаѓа оттаму, да се прифаќа со голема резерва

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, вчера беше толку јасен и дециден што не остави простор за толкување. Човекот даде многу прецизни изјави во кои јасно кажа дека Владата прави реформи. И тука нема никаква дилема. И Владата ќе продолжи да прави реформи, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, како ги оценува критиките од опозицијата во однос на Вајц, но и во однос на ИПАРД-средствата за кои вчера и официјално стигна потврда од Европската комисија дека се одблокирани, Мицкоски напомена дека СДСМ континуирано води политика и ПР-стратегија со која истура лаги. Тоа, вели, е политичка партија која во овој момент не се бори за граѓаните, туку за своето актуелното раководство поради што, секоја изјава што доаѓа оттаму, треба со резерва да се прифаќа.
Прашан околу коментарите на опозицијата дека го кочи процесот на евроинтеграции, Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи со реформите и дека ќе испорача се што ветила, но никогаш дема да прифати ништо што е на штета на граѓаните, што може да удри врз нивниот џеб и стандард.
„СДСМ, ако мислите на тој дел од опозицијата, континуирано води политика и ПР стратегија со која истура лаги. И велат вака: ’Ајде ние да ги растуриме пердувите, па овие сите пердуви нема да можат да ги соберат, па некој ќе ни поверува’. Но, дури и тие што во моментот инстант ќе им поверуваат, со тек на време се откажуваат да им веруваат, бидејќи сфаќаат дека е лага“,
рече Мицкоски.
Тој потсетувајќи на изјавите од СДСМ во текот на минатите месеци – банкротирање, мигранти, блокирање на ИПАРД-фондови, изјавата на Вајц – рече дека секоја прес-конференција и секоја изјава што доаѓа од таму, да се прифаќа со голема резерва.
„Тоа е политичка партија што во овој момент не се бори за граѓаните, туку се бори актуелното раководство во рамки на партијата. Тоа е нивната политичка стратегија. Тоа е практично советот на нивниот гуру кој во заднина им кажува што да прават“,
одговори Мицкоски по седницата на Комитетот за јавни инвестиции.
Според него, Владата точно знае што прави, кои се приоритетите и какви политики води.
„Имаме десетина чекори што треба да ги завршиме до крајот на јуни. Утре имаме координација за тие десетина чекори. Од тие, два-три сигурно нема да направиме зашто ако државата не испорача електрична енергија, тогаш вие граѓаните ќе плаќате 30 – 40 отсто поскапи сметки за струја. Се субвенционира струјата и во Франција, и во Германија, и во Италија. Не можеме ние нашите граѓани континуирано да ги удираме по џебот зашто некој не водел сметка кога ја формирал индикативната листа на реформи. Ние таа реформа однапред кажавме дека нема да ја примениме“,
додаде Мицкоски.
Рече дека за некои од проектите се потребни измени во законите, но дека на нив се работи и треба време.
Тој информира и дека вчера на владина седница станало збор за најновите пресуди од Европскиот суд за човекови права кои, нагласи, прават нов, многу голем предизвик, со оглед дека ќе треба да се дадат можеби над милијарда евра.
„Ова е многу, многу поголем предизвик од оној што беше со солидарниот данок. Така што, има предизвици и проблеми, но нема да отстапуваме. Сме се нафатиле на оваа работа, ќе се бориме“,
порача премиерот Мицкоски.
