Засега ВМРО-ДПМНЕ дејствува во парламентот во една пратеничка група, а партискиот лидер не исклучува можност од нејзино расцепкување на неколку табори доколку, како што вели, продолжи дивеењето на претседателот на Собранието
ВМРО-ДПМНЕ сериозно размислува да формира неколку пратенички групи и така да настапува во Собранието, наместо со една пратеничка група составена од 44 пратеници. Ова денеска го најави партискиот лидер Христијан Мицкоски коментирајќи ги потезите на спикерот Талат Џафери, кои, според него, се дивеење во Собранието.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на ваквото однесување на Џафери со сите демократски алатки што ни стојат на располагање. Исто така, доколку ова продолжи, сериозно размислуваме за повеќе пратенички групи во парламентот и негово целосно блокирање. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите можности за да го спречи ова негово дивеење во парламентот под менторство на Зоран Заев“,
рече Мицкоски.
На почетокот на минатиот собраниски состав ВМРО-ДПМНЕ проба да функционира со 10 пратенички групи, но тој концепт не даде ефекти, меѓу другото, и поради тогашниот опозицискиот бојкот кон Џафери, што значеше неприсуство на координациите во парламентот. Набрзо по доаѓањето на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од опозициската коалиција повторно се собраа во една пратеничка група откако функционирањето во 10 табори беше оневозможено и поради приклучувањето или приклонувањето на десетина пратеници кон владејачкиот камп.
Во овој Собраниски состав, коалицијата „Обнова“ има 44 пратеници, така што би можела да се организира во најмногу осум пратенички групи, со исто толку координатори, кои би можеле да присуствуваат на координациите кај Џафери. Засега, опозициската коалиција, сепак, функционира во една пратеничка група, на чело со координаторот Никола Мицевски
Мицкоски денеска, исто така, најави дека по празниците (Велигден и Бајрам) ќе објави повеќе детали за тоа како ќе дејствува опозицијата во наредниот период.
„По празниците ќе зборуваме за дејствувањето на опозицијата. Сепак, сега треба мир и спокојство во домовите на граѓаните. Да не зборуваме за протести и за насилство, туку да зборуваме за помирување и за подобра заедничка иднина. А потоа ќе ги презентираме чекорите“,
рече Мицкоски.
Од друга страна, тој ги искритикува Заев и Џафери дека си играат со оган.
„Не е добро да си играат со оган, затоа што кога ќе се изгорат штетата ќе биде на граѓаните. Џафери не треба да поигрува со граѓаните поради тоа што неговото минато е контроверзно. Тие не се свесни дека петардата што ја имаат во раце може во секој момент да експлодира“,
рече Мицкоски и оцени дека Џафери секојдневно продуцира скандали во парламентот, а потоа за тоа ја обвинува опозицијата.
За вчерашниот случај со интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, рече дека е нешто нечуено на најголемата опозициска партија да не ѝ биде дозволено да дискутира за интерпелација за член на Владата.