На прашањето дали ќе има промени и во ресорите што ги водат кадри на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот и претседател на партијата посочи дека нивниот главен фокус во моментов е насочен кон организирање на партискиот конгрес

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека траат разговорите во рамките на владејачката коалиција, а во врска со утврдувањето на ресорите што ќе ги преземе коалицијата ВЛЕН. Преговорите се во контекст на најавените промени во составот на Владата.
Мицкоски ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања при поставувањето камен-темелник за изградба на нова детска градинка во Општина Гази Баба.
На прашањето дали ќе има промени и во ресорите што ги водат кадри на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот и претседател на партијата посочи дека нивниот главен фокус во моментов е насочен кон организирање на партискиот конгрес.
„Ние во овој момент сме фокусирани на организирање на партискиот конгрес кој треба да се одржи на 6 декември во Кавадарци“,
рече Мицкоски.
Во однос на изборот на Народен правобранител, премиерот изрази очекување дека процесот ќе продолжи наскоро.
„Очекувам тоа да се случи во брзо време имајќи предвид дека локалните избори завршија“,
додаде Мицкоски.
Дека се започнати преговори со партнерите во Владата во врска со најавената реконструкција и дека дел од нив доставиле свои барања вчера потврди и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски кој рече дека премиерот Мицкоски за ова на седницата во петокот го информирал Извршниот комитет на партијата.
Сајкоски, според информациите што им ги дал премиерот, рече дека преговорите се во почетна фаза и ќе продолжат во наредниот период.
Инаку, Мицкоски и пред десетина дена прашан дали размислува за одредени кадровски поместувања во Владата одговори дека се фокусирани на партискиот конгрес, а паралелно со тој процес размислува за промени , доколку има потреба за тоа.
Иако пред изборите премиерот најави реконструкција на владиниот кабинет веднаш по нивното одржување, денешната негова изјава оди во насока дека тоа нема да се случи наскоро.
Она што засега е извесно е дека ќе има нови лица на позицијата прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, откако Изет Меџити стана градоначалник на Чаир.
На местото на Изет Меџити коалицијата ВЛЕН го предлага Беким Сали, а според нив на министерската функција во животна средина и просторно планирање треба да биде предложен друг кандидат.
Мицкоски денеска потврди дека Беким Сали ќе биде нов прв вицепремиер во Владата на местото на Меџити, но негира дека ВЛЕН ќе добие уште едно министерско место.
