Премиерот вели дека Владата има формула по која ќе се исплаќаат платите на вработените во администрацијата и која инсистираат да биде конечна и ќе важи исто за сите административни службеници
Очекувам тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) да излезат од партиска прегратка и да се договорат со Владата во интерес на административните службеници бидејќи уште тие 7 700 илјади наши колеги немаат договорено колективен договор со Владата, а сите останати имаат. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со прашањето за покачување на минималната и на останатите плати.

Мицкоски вели дека Владата има формула по која ќе се исплаќаат платите на вработените во администрацијата која инсистираат да биде конечна и ќе важи исто за сите административци.
„Од друга страна дел од раководството на ССМ се повикува на општиот колективен договор кој го има потпишано со претходната влада. Иако тој е истечен, во преодните и завршните одредби стои дека тој е во функција сè до моментот додека не биде потпишан нов колективен договор. Доколку ние ја примениме оваа формула, тогаш при исплатата на плати ќе се создаде какофонија бидејќи постојат неколку документи што ја дефинираат платата и што може да се толкуваат вака или така. Ние сакаме да имаме униформиран образец по којшто ќе се исплаќа платата за вработените во администрацијата“,
изјави Мицкоски.
Премиерот предлага членовите од истечениот општ колективен договор во кој се дефинираат условите за плата да се суспендираат и да се испреговара нов општ колективен договор кој би важел околу три години.
„Ценам дека за три години луѓе ако седнат ќе направат многу повеќе отколку нова верзија на општ колективен договор. Доволно сме зрели и одговорни и мислам дека е тоа сосема доволно време за да го направиме. Најголемиот дел од синдикатите, оние кои се репрезентативни, но и оние гранкови во рамки на ССМ се сложија со оваа позиција на Владата. Има таму еден до двајца заробеници на опозицијата коишто молчеа седум години и сега наеднаш добија амбиција да ја уништуваат државата и мислат дека на овој начин нанесуваат штета на Владата, но во суштина нанесуваат штета исклучиво на работниците со својата суета и со своето фрустрирано однесување“,
додава премиерот.
Изјавата на Мицкоски е во пресрет на утрешната средба со претставници на Синдикатот на УПОЗ.
