„Од овие половина милијарда што ќе бидат земени како заем, овие 70 илјади евра се трошоците и тоа е нешто повеќе од 0,1 процент“, изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција
Седумдесет илјади евра. Толку, како што изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, ќе изнесуваат провизиските трошоци за правни услуги што земјава треба да ѝ ги плати на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, која на земјава треба да ѝ позајми 500 милиони евра.
Премиерот рече дека се работи за нормална процедура. Сумата од 70 илјади евра, којашто земјава треба да ја плати како провизија за правни услуги, како што рече Мицкоски, е десетпати помала од она што во минатото како држава сме го плаќале за претходни задолжувања.
„Од овие половина милијарда што ќе бидат земени како заем, овие 70 илјади евра се трошоците и тоа е нешто повеќе од 0,1 процент“,
изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.
Премиерот додаде дека сè што е кажано за заемот и условите под кои ќе се земе е содржано во законското решение, кое во моментов е во собраниска процедура.
„Од законот можете да видите дека сето тоа што го кажавме е содржано во него – 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс-период, 12 години рок на отплата. Развоен закон – половина ќе оди кај бизнисот, половина за проекти за општините, така што тоа што го ветивме, тоа и го исполнуваме“,
додаде Мицкоски.
Инаку, во образложението на Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, кој се носи по скратена постапка, меѓу другото, се наведува дека Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност.
Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.