„Ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој човек на македонскиот идентитет и македонскиот народ. Проблемот што тој човек го направи нѐ доведе до ситуација од шампиони во Европа, да не можеме да почнеме сѐ уште преговори со Европската Унија. Тој преговараше за македонскиот идентитет и направи грешка и ако мисли дека тоа сме го заборавиле, се лаже“, изјави Мицкоски

Македонија ќе продолжи да се однесува проевропски и Владата нема дилеми дека треба да гради добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија, но дека нема да дозволи ултиматуми, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој изрази уверување дека ќе се изнајдат решенија и дека Европската Унија ќе најде механизми за земјава да го добие заслуженото место во Унијата.
„Ние немаме никакви проблеми да го прошируваме нашиот Устав со дел од Хрватите што живеат кај нас бидејќи Македонците се дел од хрватскиот Устав, немаме проблем да зборуваме за Црногорци, Словенци итн., но имаме проблем да прифаќаме ултиматуми. Не сум човек кој прифаќа ултиматуми и никогаш нема да си дозволам да преговарам за нешто коешто знам дека претставува огромен проблем и фрустрација за македонските, албанските, турските граѓани и за сите оние што се составен дел од Уставот“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Желино.
Според него, во колективната меморија ќе остане дека поранешниот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, преговарал за македонскиот идентитет.
„Ние ќе бараме начин, ќе градиме доверба и ќе го решиме ова, дали оваа генерација или некоја следна, тоа ќе го решиме, но ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој човек на македонскиот идентитет и македонскиот народ. Проблемот што тој човек го направи нѐ доведе до ситуација од шампиони во Европа да не можеме да почнеме сѐ уште преговори со Европската Унија. Тој преговараше за македонскиот идентитет и направи грешка и ако мисли дела тоа сме го заборавиле, се лаже“,
рече Мицкоски.
Во пресрет на утрешната посета на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, Мицкоски рече дека има исклучително добри односи со неа и потсети дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е првиот министер од регионот што го потпишал договорот за надворешна и безбедносна политика со Унијата.
Како дел од регионалната турнеја, Калас денеска ќе биде во посета на Белград, а утре доаѓа во посета на земјава. Таа ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе ја посети постојаната Балканска медицинска работна група.