„Орбан е пријател на Путин и на Русија, а пријателот на пријателот на Русија, со име Христијан и презиме Мицкоски, е прокси играчот на Русија во овој регион. Ете зошто и на кого мислеше еврокомесарката за проширување кога зборуваше за тројански коњи и дека нема да дозволи такво влијание да влезе преку некоја земја кандидат. Сега јасно е на кого мислеше“, изјави денеска на прес-конференција меѓународниот секретар на СДСМ
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ја турка државата во изолација и „во скутот“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, поради што има директно странско мешање во Македонија во чувствителни сектори.

Ставот на социјалдемократите од „Бихаќка“ денеска на прес-конференција го пренесе Андреј Жерновски, кој на вчерашната седница на партијата беше избран за секретар за меѓународна соработка на СДСМ.
Тој наведе дека она што ги поврзува двајцата премиери се нивните бизнис-интереси, а „политичкиот проект на Мицкоски“ овозможува преку Орбан да има директно странско мешање, да има дезинформации, нетранспарентни и крајно сомнителни финансиски текови и рушење на стратешката позиција на државата.
Според Жерновски, премиерот со своите политики ја оддалечува државата од Европската Унија и ја турка, како што кажа, на крајот на денот, во скутот на Русија.
Дека е точно тоа што го тврдат социјалдемократите, Жерновски вели дека потврдил и американскиот весник „Вашинготн пост“, кој објави податоци дека министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, го информирал Кремљ за клучните одлуки што се дискутираат во Европската Унија.
Дека ваквите наводи на весникот се точни призна и самиот Сијарто, посочи Жерновски, по што попрецизно го образложи тврдењето на опозициската партија дека Мицкоски преку Орбан е „прокси-играчот“ на Русија во овој регион.
„Орбан е пријател на Путин и на Русија, а пријателот на пријателот на Русија, со име Христијан и презиме Мицкоски, е прокси играчот на Русија во овој регион. Ете зошто и на кого мислеше еврокомесарката за проширување кога зборуваше за тројански коњи и дека нема да дозволи такво влијание да влезе преку некоја земја кандидат. Сега јасно е на кого мислеше“,
рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ.
Според него, во случајот не станува збор само за стратешко, туку и за безбедносно прашање на државата, како и за прашање за борбата против криминалот и корупцијата.
„Една милијарда евра од Унгарија. Во исто време кога Унгарија дава кредитна линија за нашата држава, таа се задолжува од Кина за истата сума – една милијарда евра. Јасно ли е сега од каде е потеклото на парите? Потоа, унгарскиот ‘Фор-ај-џи’, кој го води човек близок до Орбан. Потоа, 40% од медиумите кои се под контрола на мрежата на Орбан. Да не заборавиме и на влезот во енергетиката во Македонија преку ќерка-фирма на унгарската ‘Статус енерџи КФТ’“,
кажа Жерновски.
Дополнувајќи се во тврдењата, тој изјави дека, за жал, во земјава имаме состојба во која Брисел повеќе сака да ја види Македонија во Европската Унија отколку актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„И на крајот, она што го гледаме деновиве – известителот на Европскиот парламент, Вајц, подава рака на оваа влада, подава рака да излеземе од оваа изолација, да не одиме во скутот на Орбан и на Путин. Меѓутоа, се разбира, Мицкоски не го прифаќа ова, затоа што не му одговара. Заклучокот е: нема напредок по европскиот пат – има изолација“,
рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ.
На крајот тој, во името на партијата рече дека ако претходно Мицкоски бил тој што коленичел и молел за власт, лажејќи го народот дека ќе го промени името на државата, сега поради него Македонија е на колена.
„Ние мора да го промениме тоа“,
порача Жерновски.
