Според Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е партија која знае да прави добри проекти и програми, а за тежината на новопромовираната програма зборува долготрајниот процес на консултации и знаења на луѓе кои сакаат да се вградат во напредокот на државата

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е насловена „Платформа 1198“ затоа што во неа се содржани 1198 проекти за решение на огромен број проблеми на граѓаните, посочи денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партија која знае да прави добри проекти и програми, а за тежината на новопромовираната програма зборува долготрајниот процес на консултации и знаења на луѓе кои сакаат да се вградат во напредокот на државата.
„’Платформа 1198′ затоа што содржи 1198 проекти со кои решаваме огромен број на проблеми кај граѓаните, затоа што за нас граѓаните се на прво место. Со фокус на реалните проблеми, оваа програма е срочена за да гарантира целосно функционирање на системот, заштита на националните интереси, квалитетно образование, како и модерен здравствен систем“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека документот содржи конкретни реформски мерки и политики кои ќе генерираат динамичен и повисок животен стандард, повисоки плати и пензии, притоа осигурувајќи ред и правда за сите.
Оваа програма на ВМРО-ДПМНЕ се состои од неколку клучни столба.
„Прво, активна и постојана борба за квалитетен животен стандард. Она што им е најпотребно на луѓето е всушност пристоен живот. Второ, отворање на фронт против корупција. Трето, институциите да работат според законите. Четвртиот столб е обезбедување на функционален систем за граѓаните. Петто е заеднички патриотизам кој во суштината е патриотизам кој обединува. И шестиот столб е непоколебливо почитување на правата и слободите на луѓето“,
истакна Мицкоски.
Презентирајќи ја програмата, Мицкоски додаде дека граѓаните се почетокот и крајот на мерките во овој документ.
„Со цел да го трансформира нашето општество, програмата се потпира на најсвежите истражувања, успешните компаративни искуства, како и конкретни акции кои ќе доведат до изградба на здрава демократска држава која повторно ќе биде во рацете на граѓаните“,
посочи тој.
Во областа на земјоделието, „Платформа 1198“, Мицкоски вели, се залага за поддршка на малите и средните земјоделски производители, со фокус на технолошките иновации, обуките и правилното управување со ресурсите.
Во секторот енергетика таа промовира користење на различни и еколошки извори на енергија преку следење на иновациите во областа на обновливите извори, поддршка на политиките за енергетска ефикасност, како и подобрување на инфраструктурните капацитети.
Во доменот на екологијата, „Платформа 1198“, според Мицкоски, вклучува имплементација на мерки за смалување на отпадот, поддршка за еколошки иницијативи и обезбедување чист воздух и вода за сите граѓани.
Меѓу другото, тој рече дека демографијата и спречувањето на исселувањето е една од клучните определби.
„Водејќи се од компаративните европски и демократски иксуства, предвидуваме мерки со кои ќе се генерираат услови со кои ќе се намали исселувањето на краток рок, а на среден ќе се овозможи повторно враќање на оние кои веќе си заминаа од своите родни огништа. Во таа смисла, со имплементирање на европските демографски искуства, веруваме дека ќе успееме да воспоставиме нова реалност во која Македонија, како и порано, ќе продолжи да пулсира и да се развива како држава на среќни граѓани“,
истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.