„Значи, за да имате правда, треба да имате факти од истата, а не може да ги изнесете на анкетна комисија поради тоа што ќе ја компромитирате истрагата и процесот, и тие што треба да бидат одговорни, нема веќе да бидат одговорни“, рече премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред Собранието во изјава за медиумите рече дека и покрај обидите на опозицијата да креира лажна слика дека ниту тој ниту пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да се појават на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, тоа не се случило, туку напротив, таму бил присутен целиот државен врв, заедно со претседателката на државата и претседателот на парламентот.

„Ги слушнавме ставовите на родителите, тие што земаа збор, исто и дискусиите на организациите како ‘Сапорт Кочани‘, ‘Кој е следен‘ и дел од дискусиите на некои од пратениците. Така што, како по обичај, сите лаги на опозицијата им се распрснуваат во рака, а вистината е сосема поинаква“,
вели тој.
Изрази сочувство, како што рече, до сите што ги изгубија најмилите во овој трагичен настан, додавајќи дека како држава ќе сторат сè што е во нивна моќ да им помогнат на тие што се лекуваат.
На новинарско прашање зошто немал обраќање пред присутните на комисијата, рече дека таму бил да слушне нешто што досега не го чул, но тоа не се случило.
Според него, вистинското прашање е зошто се чекаа месеци да се закаже оваа анкетна комисија и зошто токму сега, девет месеци од трагедијата, некој континуирано прави политички егзибиции.
„Моето чувство до оваа анкетна комисија е дека сите зборуваме за правда. Моето чувство е едно од главните барања на родителите – да има правда. Правда на анкетна комисија не може да има, правда може да има во рамки на судски процес“,
кажа Мицкоски.
Посочи дека на седницата е прочитано и писмото од јавниот обвинител во кое вели дека не може да присуствува на комисијата, оти ако ги изнесе фактите и деталите од истрагата, тоа ќе влијае на неа.
„Значи, за да имате правда, треба да имате факти од истата, а не може да ги изнесете на анкетна комисија поради тоа што ќе ги компромитирате истрагата и процесот, и тие што треба да бидат одговорни, нема веќе да бидат одговорни“,
вели премиерот.
Според него, за да се дојде до правда, мора да има одговорност, која ја констатира суд во судски процес, откако Обвинителството ќе изнесе факти од истрагата.
„Тогаш кога не може да се изнесат факти и во рамки на оваа анкетна комисија да констатирате правда или неправда, се поставува прашањето зошто ова некој го прави со задоцнување од неколку месеци“,
кажа тој.
Премиерот додаде и дека како влада секаде каде што е потребно нивното присуство, тоа ќе биде остварено и реализирано.
Не сакаше да одговори на прашање за обвинувањата дека Владата досега не им дала парична помош, ниту институционална помош на семејствата на загинатите и на повредените во Кочани.
На дополнително новинарско прашање што е разликата со поднесениот предлог на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ за формирање анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во земјава, кој Собранието го усвои, Мицкоски вели дека процесите за „Ласкарци“, „Беса транс“ и „Модуларната болница“ се констатирани, за некои е завршен процесот во прв степен, за некои во втор степен и за нив може да се дискутира во рамките на една анкетна расправа.
„Сите факти за овие случаи се изнесени во рамки на судските расправи. Сите детали се познати и може да се дискутира за прашањата дали правдата е вистински донесена, дали се одмерени казните, дали од секој инволвиран е побарана одговорност. Тоа се сосема суштински различни процеси од овој за Кочани“,
кажа тој.
