Цената е 99 ден/GJ, а пред само некоја година се случуваше за 44 ден/GJ, тендерот да биде поништен, објави Мицкоски на Фејсбук
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на Фејсбук повторно објави документи кои се поврзуваат со ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ), овој пат за тендер за ископ на јаглен за цела календарска година.
Според Мицкоски, спорно е што немало електронска аукција и имало само една понуда, како и цената од 99 ден/GJ.
„Раководството на ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ), распишува тендер за ископ на јаглен и јаловина за цела календарска година на три месеци пред почеток на кампањата за локални избори. На тендерот се јавува една компанија. Нема електронска аукција и има само една понуда. вкупната вредност на тендерот е речиси 13 милиони евра. Цената е 99 ден/GJ, а пред само некоја година се случуваше за 44 ден/GJ, тендерот да биде поништен. ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) ја заврши 2020 година со загуба од 16,8 милиони евра. Избори се ближат, мора аванс да се земе!“,
напиша Мицкоски на Фејсбук и со објавата сподели документи.
Мицкоски во петокот исто така објави статус и документи поврзани со ЕСМ за тендер за набавка на електрична енергија, и обвини дека со новата цена ќе се забележи загуба од 4,3 милиони евра до крајот на 2021 година. Во објавата на Фејсбук, Мицкоски детално ја опиша постапката за набавка на електрична енергија со обвинување дека власта на овој начин го краде народот.