Запрашан дали тоа значи дека целосно поддржува еден таков чин, на една држава да влезе и да земе претседател на друга држава за да му суди, и дали ова е преседан што сега може да се случи каде било, па и во Македонија, премиерот одговори дека земјата веќе поминала низ преседани

Стоиме зад потезите и аргументите на нашиот стратешки партнер, САД, а меѓународното право се кршеше и на грбот на македонските граѓани. Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски, запрашан да даде коментар за случувањата во Венецуела – дали заробувањето на претседателот Николас Мадуро е во согласност со меѓународното право и со повелбата на Обединетите нации – откако претходно министерот за надворешни работи и надворешна трговија ја поздрави оваа операција на САД.
„Она што мене најмногу ме загрижува е громогласната тишина од истите тие европски и светски земји. Се случуваше во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на македонските граѓани, и како тогаш сите тие оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. Како сега наеднаш сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било. Имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународно-правни експерти“,
рече премиерот.
Како што додаде Мицкоски, меѓународно-правните експерти треба да кажат што било во согласност со правото, а што не.
„Во животот, кога еднаш ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и таа пракса е прашање на време, не дали туку прашање на време е кога ќе се удри од вашиот грб“,
вели тој.
Запрашан дали тоа значи дека целосно поддржува еден таков чин, на една држава да влезе и да земе претседател на друга држава за да му суди, и дали ова е преседан што сега може да се случи каде било, па и во Македонија, премиерот одговори дека земјата веќе поминала низ преседани.
„Преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на Обединетите нации, кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име, кога се лажеа луѓето дека за три-четири години ќе станеме членка на ЕУ. Тоа се вистински преседани. А дали ова што го кажувате е преседан или не, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“,
одговори Мицкоски.
На крајот додаде дека имаше и хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше, па тогаш имало „громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат“.
Инаку, Мадуро и неговата сопруга беа заробени преку ноќ како дел од големата американска воена операција во Каракас, во која, како што рекоа властите, учествувале над 150 авиони.
