На централниот митинг во Скопје, Мицкоски побара поддршка за Данела Арсовска која, според него, е работник и менаџер, нешто што е спротивно од Шилегов. Тој зборуваше и за односите со соседите и порача дека им должиме искрен однос, но и дека нема почит за тие кои не нè почитуваат, а ќе има подадена рака за тие кои подаваат рака за пријателство
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на централниот митинг во Скопје побара поддршка од разочараните, бојкотирачите, како и од граѓаните кои планираат на овие избори да гласаат за помалите партии. Ако гласаат за помалите партии, рече тој, само се дели опозицијата.

„Барам поддршка и од оние кои планираат својот глас да го дадат за условно речено помалите партии. Така само се разделува опозицијата, и не бидете сигурни дека секое отстапување надвор од ова здружено блоковско настапување против власта не е уште еден голем експеримент кој е инвестиција на Заев за ситнење на отпорот, само за да купи уште еден месец повеќе за тендери и власт. Затоа добро измерете, добро проценете дали вреди да инвестирате во нешто што знаете дека нема да ги оправда вашите очекувања. Ад хок партии кои се создадени да ловат, да го ловат вашето незадоволство и разочараност и да си играат со емоциите на народот, преку испади и трикови кои не можат да донесат реален прогрес. Тоа се екскурзијанти во политиката. Ова за нив е хоби и уште една тезга, а за вас и за целиот народ се работи за вашиот живот. Поддржете нè, затоа што ние ќе застапуваме тоа што вас ви е потребно, а тоа е вашиот глас, и така ќе има вашиот глас најголема гласност“,
рече Мицкоски.
На разочараните, пак, им порача дека ако го бараат неговото извинување, тој никогаш не го криел. Време е, рече тој, да ги оставиме сите разлики да излезете на гласање бидејќи секој глас е потребен. Од тие што досега бојкотирале Мицкоски побара да не дозволуваат да пропадне нивниот глас бидејќи неодговорната власт не е последица само на лошите особини на луѓето на власт, туку и на игнорирањето и незаинтересираноста на добрите луѓе да учествуваат во политиката.
„Ја барам поддршката и од Македонците, и од Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците. Заев иако се фали дека овие гласови ги има во џеб, тоа се слободни индивидуи, кои имаат свој став. Не верувајте во лагите на Заев со кои сака само да ве одврати од поддршката на нас кои носиме промени. Нашата борба е да уриваме ѕидови кои нè раздвојуваат, ние кои израснавме на овој асфалт едни со други никогаш нема да кренеме рака едни против други. Да им покажеме дека сите заедно сме сопственици на своите судбини, и дека ниту една власт ја нема во џеб вашата волја. Доста беа лаги и измами, ајде да работиме за иднината. Да се оттргнеме од коалицијата на бандитите и политичарите, да направиме коалиција на народот против бандитите“,
рече Мицкоски, а потоа ги повика и гласачите на СДСМ кои ја сакаат Македонија да му дадат поддршка.
Најголемиот глас на овие избори, според него, е гласот на тивкото мнозинство односно луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите…

По скопјани ги повика да ја поддржат кандидатката за градоначалничка Данела Арсовска бидејќи таа е работник и човек кој е спротивност на тоа што е актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Петре Шилегов.
„Данела Арсовска не е политичар, и никому не должи, и нема потреба да станува успешна преку функцијата на која претендира. На градот му е неопходен менаџер кој ќе решава проблеми, а не градски татко кој ќе ги става под тепих. Данела е гласот на независните луѓе, но и човек кој знае да обединува од сите партии, од сите групации, но и да предводи. Заокружувањето на бројот 82 на гласачкото ливче за градоначалник на Скопје ќе значи поддршка на Данела за Скопје, за градоначалник кој ќе создава модерен град, град кој ќе биде поврзан, кој ќе комуницира, и кој ќе биде средиште на настани и случувања“,
рече Мицкоски.
За кандидатите од владејачката партија, пак, рече дека немаат програма туку само памфлети, лажни ветувања и удирања во гради.
На митингот пред скопјани, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за меѓународната политика и за односите со соседите.
Кога гледам каква надворешна политика водат, човек срам го фаќа. Она чувство кај човек кога ти е срам поради туѓиот срам. И мака и јад во душата кога гледаш дека тие кои треба да ти ја претставуваат земјата, дома ти глумат Европејци, а надвор пазарџии.
„На нашите соседи им должиме искрен однос, искрена желба за градење на пријателства кои мора да се на принципот на реципроцитет, и заемно почитување. Нема почит за тие кои не нè почитуваат, но ќе има подадена рака, за тие кои подаваат рака за пријателство. Треба да се заборават подметнувањата, договори кои се потпишуваат на слепо за да се спасат десетина кариери, како таа на Заев, затоа што јас и луѓето околу мене никому не должат освен на својот народ“,
рече Мицкоски.