Премиерот ова го кажа говорејќи за случајот со запленетата марихуана. Рече дека откако истрагата ќе заврши, јавноста ќе слушне кои имиња се вклучени во случајот
Поранешни претседатели на ограноци на СДСМ и нивни блиски роднини се замешани во случајот со марихуаната – изјави синоќа премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Ора24.тв.

Премиерот ова го кажа говорејќи за случајот со запленетата марихуана. Рече дека откако истрагата ќе заврши, јавноста ќе слушне кои имиња се вклучени во случајот.
„Досега од она што во јавноста е познато е дека поранешни претседатели на локални организации на СДСМ, нивни блиски роднини се некако замешани во целиот овој скандал. Ќе ве потсетам дека овој скандал не е од сега, туку имаше една полициска акција уште во времето кога СДСМ и ДУИ беа во влада, на релацијата Струмица-Прилеп. Се сеќавате тогаш таа акција беше водена во содејство со американската ДЕА, се спомнуваа имиња кои се во роднинска врска со семејството Заеви“,
рече Мицкоски во интервјуто.
Ова, според премиерот, е многу симптоматично и индикативно.
Во февруари годинава Мицкоски рече дека смета оти истрагата за случајот со заплената на големи количини марихуана ќе доведе до многу важни имиња кои се дел или се поврзани со опозицискиот СДСМ, дел со коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, но и со други поранешни политичари.
